Треба да се премине на отворање на пристапните преговори со Европската Унија и Македонија да напредува од сите аспекти, порачува амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз.
-Влегувањето на Македонија во НАТО беше голем исчекор и веќе ги гледаме резултатите од тој потег на терен. Затоа нам ни е важен и следниот чекор, Македонија и целиот Западен Балкан да се придвижи кон единствена, безбедна Европа. Тоа значи интеграција во евроатлантските институции. Мислам дека зборувате за вистинската фрустрација, која и јас ја слушам, зашто процесите не се одвиваат доволно брзо, рече Брнз во интервју за ТВ21.
Според неа, едно нешто што се потенцира во моментов е потребата, како што вели, повторно да се придвижат тие процеси, да се забрзаат напорите и да ја видиме Македонија целосно интегрирана.
-Треба да преминеме на отвoрање на преговорите со Европската Унија и да напредува од сите аспекти за не само да се усогласи со институциите на ЕУ, туку и да се остварат аспирациите кои граѓаните ги имаат долго време… Очигледно на граѓаните на Македонија им треба исчекор, не им се потребни дополнителни назадувања. САД уште од почетокот беа многу јасни. Го поддржуваме влезот на Македонија во ЕУ, вели американската амбасадорка.
Таа посочува дека иако САД не се членка на ЕУ, сепак сметаат дека тоа е стратешки интерес на Македонија, на регионот, на ЕУ, па дури и на Соединетите Американски Држави
-Постојано и јасно велиме дека сакаме пристапувањето кон ЕУ да се придвижи, колку што може побргу. Мислам дека гледаме единство и решителност во меѓународната заедница, помеѓу САД и европските партнери и во западната заедница во целина, за важноста на продолжувањето. И не само за да се одржи глобалната безбедност туку и да видиме напредок во заедничката агенда за демократија и владеење на правото. А токму тоа ќе се поттикне со влезот на Македонија во ЕУ, додава Брнз.
Во контекст на односите помеѓу Бугарија и Македонија таа вели дека е охрабрена од обновените дипломатски разговори помеѓу двете земји.
-Охрабрени сме зашто сега постојат и работни групи кои работат не само на решавање на билатералните прашања туку и на воспоставување долгорочна соработка што ќе им оди во корист на граѓаните на двете држави и ќе помогне да се промовира идејата дека пристапниот процес за ЕУ е во најдобар интерес на двете држави, порача Брнз.
Таа истакна дека одржала средби со новиот премиер Димитар Ковачевски и министрите кои се вклучени во преговорите со соседна Бугарија и слушнала дека се посветени да ја искористат можноста да се обидат да ги решат отворените прашања.
-Имав шанса да се видам со новиот премиер и со повеќе од министрите кои сега се вклучени во повеќе аспекти од разговорите. Од нив чув дека се посветени да ја искористат оваа можност што се создаде со новата влада во Софија, да се обидат да ги решат отворените прашања и да постигнат договор за процесот да може да продолжи и Македонија да ја одржи првата Меѓувладина конференција и потоа да го започне процесот на отворање и затворање на поглавја и задоволување на критериумите за членство во ЕУ, рече амбасадорката Брнз.
Како што дополни, многу внимателно се следат преговорите.
-Искрено, се надеваме дека овие разговори ќе создадат таков импулс и ќе помогнат во премостување на разликите за да може сѐ да продолжи. Откако ќе се одржи Меѓувладината конференција, сакаме да видиме подеднаква итност при исполнување на критериумите и реформите кои се неопходни за крајната интеграција во ЕУ, додава Брнз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.