Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во Тирана, оствари средба со министерот за Европа на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лео Докерти, на маргини на министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес.

 

Двајцата соговорници ги поздравија одличните билатерални односи кои постојат меѓу двете партнерски земји, при што министерот Османи се заблагодари за континуираната британска поддршка на демократскиот и економски развој на Македонија и регионот.

 

Министерот Османи брифираше околу европското досие на државата и процесот на уставните измени, како неопходен чекор за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија.

 

„Новата геополитичка реалност вбризга нова динамика на евроинтегративните процеси на државите од регионот. Обединувањето на континентот во рамките на Унијата веќе не е само прашање на економска или политичка интеграција, туку безбедносно прашање. Оттука, мора да ја искористиме оваа еднократна шанса и да го исполниме преостанатиот политички услов за уставните амандмани и без натамошно одлагање да продолжиме кон отворање на Првиот кластер до крајот на 2023 година“, подвлече Османи.

Докерти го повтори ставот на Обединетото Кралство дека продолжувањето на нашиот пристапен процес е инвестиција во стабилноста и просперитетот на државата, а ќе го зацврсти и кредибилитетот на Европската Унија.

 

На средбата беа разменети ставови за актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот и други актуелни меѓународни теми.

Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ, информираше за следните активности на Организацијата, како и за претстојните предизвици кои бараат заеднички одговор.

 

За време на министерскиот состанок, министерот Османи оствари и други средби со високи претставници од државите учеснички во Берлинскиот процес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.