Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.
Почитувани сограѓани,
Дозволете ми да ви го честитам големиот христијански празник Рождество Христово со поздравот – Христос се роди!
Годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди. Предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас. Како заедница на верните, Црквата е повикана активно да учествува во обновата на надежта. Со солидарност кон ранливите, со заложби за социјална правда, со личен интегритет, со почит кон различните, Црквата и верниците можат да придонесат кон обновата на довербата и добрината во нашата заедничка македонска татковина.
Нека Христовото раѓање биде поттик за секој од нас, да ја следиме Божиќната порака: „Мир на земјата, а меѓу луѓето добра волја“.
Среќен Божиќ!
Христос се роди!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.