Околу 500 деца од повеќе градови, деца без родители, деца од различна вероисповед, по 17-ти пат денеска беа на заеднички Божиќен ручек во Прилеп во организација на Детската амбасада за сите деца во светот.  Децата упатија желби за среќно и безгрижно детство и за радост во семејството.

Александра Северкоски, извршен директор на Детската амбасада за сите деца во светот нагласи дека е најбитна детската радост и посака да ја има повеќе во 2023 година.

– Освен децата, членови на здружението, на божикниот ручек имаме деца од Тетово, од Скопје, од Штип, Струмица, од Охрид, Битола. Децата се среќни, а и ние како организатори што оваа традиција продолжува, со надеж дека оваа година ќе ни биде посреќна, а лошите мисли ги оставивме зад нас. Целта што сакаме да ја постигнеме е мотото на здружението „едно небо за сите деца“ и пораките децата да се почитуваат меѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите да придонесуваме кон градење на нашето општество, рече Северкоски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески им додели пакетчиња на децата и им посака да имаат безгрижно детство.

– Децата да се посреќни, а ние да се погрижиме нивната среќа да трае, рече Јовчески.

Митрополитот Петар, кој е покровител на манифестацијата, истакна дека Божик не може да се замисли без децата.

– Кога Исус Христос поставил дете пред апостолите им рекол дека не можат да појдат во небесното царство ако не бидат како децата со чисти мисли, трудољубиви, со искрени чувства за љубов. Без децата не може да се замисли најрадосниот празник, Божик, Христовото раѓање, рече владиката Петар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.