Бојан Јовановски е примен во Градската Болница во Скопје за да биде опериран, односно да му биде спроведена хируршка интервенција за целосно отстранување на желудникот. Овој зафат е многу ризичен и може да го остави со траен инвалидитет, реагираа неговите адвокати и семејството.
„Операцијата по својот карактер е високоризична и со неизвесен исход, па затоа формиран е тим од повеќе хирурзи специјалисти кои ќе ја извршат операцијата, а напоменуваме дека тие се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, особено зашто тие навремено и во повеќе наврати даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарни мислења да не дојде до оваа операција и да се избегне овој зафат зашто операцијата е високоризична и сложена, придружувана со можни компликации кои може да се кобни за пациентот, пишува правниот тим на Бојан Јовановски.
Тие додаваат дека Бојан не бил третиран согласно со лекарските упатства во „Идризово“ поради што е дојдено до високоризичната здравствена состојба, од која најдобриот исход би бил траен инвалидитет
„Целата оваа ситуација и операцијата можеа да се избегнат доколку властите што одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки, кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова бидејќи во затворски – пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот. На Бојан Јовановски, по денешната хоспитализација, во наредните денови ќе му бидат извршени сите потребни испитувања и подготовки за операцијата по што хирурзите специјалисти ќе пристапат кон нејзино извршување“, додаваат тие.
Адвокатите на Јовановски испратиле барање до кривичниот суд да се прекине извршувањето затворска казна.
„Очекуваме одлука што ќе биде донесена во итен рок ќе биде темелена врз основа на реални факти и неселективна оценка на доказите со примена на начелото на хуманост во согласност со новонастаната состојба, односно одлука со која ќе биде уважено барањето за прекин во согласност со сите исполнетите законски услови, совест и одговорност при одлучување од страна на судот. Во овие чувствителни моменти за Бојан Јовановски и неговото семејство ја повикуваме јавноста на солидарност и емпатија како доблесни карактерни особини на секој поединец бидејќи со овој пример на Бојан Јовановски имаме цел да ги укажеме негативните појави, а истовремено да дадеме придонес кон подобрување на јавното добро“, додаваат тие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.