Директорот на Царинската управа Стефан Богоев денес беше во посета на граничниот премин Табановце, каде што инфраструктурните зафати на граничниот премин Табановце во пресрет на екот на туристичката сезона се во завршна фаза. Ова е една од мерките кои Царинската управа ги презема во координација со Владата во рамки на иницијативата Отворен Балкан, со цел олеснување на регионалната трговија и забрзување на движењето на возила, стоки и патници.
Во периодот што следи ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за мерење на вага на товарните возила помеѓу Царинските управи на Република Македонија и Република Србија, со што дополнително ќе се намали времето за спроведување на царинските формалности.
На средбата со царинските службеници директорот Богоев ги истакна неговите заложби и посветеност на борбата против шверцот и корупцијата, како и важноста за заеднички напори на сите нивоа, со цел поефикасни контроли и подобрување на резултатите.
„Спроведувањето на владините политики поврзани со трговијата, наплатата на приходите, безбедноста и сигурноста на општеството и интеграција со Европската унија, бара соодветни инвестиции како во инфраструктурата на граничните премини, така и во царинските ИКТ системи и хармонизација на соодветните законски регулативи.. Иницијативата Отворен Балкан веќе ги дава потребните резултати за граѓаните и бизнис заедницата“, вели Богоев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.