Романскиот шеф на дипломатијата, Богдан Ауреску изјави денес дека нема разговори во Европската унија за одвојување на Македонија и Албанија во однос на одлуката за започнување на преговори за членство.

Нема такви дискусии во ЕУ, за раздвојување на Македонија и Албанија. Ние во Романија не ја поддржуваметаквата одлука. Важно е да се најде решение за проблемот со Бугарија и што побрзо да почнат преговорите со двете земји кандидати“, рече Ауреску на денешната прес конференција во Скопје.

И според министерот Бујар Османи засега нема најава дека може да биде донесена таква одлука до јуни, но беше уверен дека по јуни, ако не се постигне договор со Бугарија, тоа прашање ќе мора да се отвори.

Засега нема сигнал ниту од една земја членка  дека преферира одвојување на Македонија и Албанија во овој процес. Но, дека прашањето ќе се отвори од јуни, за тоа сум сосема сигурен, рече Османи. Според него, тоа нема да биде добар развој на настаните за Македонија и затоа не треба да дозволиме да се случи.

Околу некаков нон пејпер што циркулира во Бугарија и за кој Антониот Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ повторно побара да бидат информирани пратениците Османи рече дека не е прв, туку такви имало десетици досега.

Не постои еден нон пејпер. Постојат десетици нон пејпери и размени на идеи последните две години. Затоа ќе го повторам тоа што го кажувам секогаш: Кога ќе имаме согласност околу некој документ со бугарската страна  и кога ќе сметаме дека тој може да биде основа за договор, пред да ставиме потпис и печат ќе ги информираме пратениците.  Сега има документ што ние сме пдготвени да го прифатиме, но се додека не добиеме одговор од Бугарија не сум спремен да информирам за деталите, бидејќи може да биде одбиен, рече Османи.

Тој најави дека викендов ќе има средба со бугарскиот премиер Кирил Петков иако тој доаѓа во неофицијално својство, но не беше сигурен дека ќе има средба и премиерот Димитар Ковачевски поради нарушената здравствена состојба. Тој не сакаше да ги коментира внатрешните политички дебати во Бугарија и тоа има ли таму согласност или не , порачувајќи и на официјална Софија дека за вакви прашања треба лидерство и дека некогаш , ако сака добрососедски односи, треба да оди и спротивно од реката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.