Отсекогаш сме биле дел од еден ист заеднички простор и ќе продолжиме да бидеме. Затоа треба да ги надминеме поделбите, омразите од минатото, да си простиме за старите гревови и да продолжиме понатаму. На Балканот имаме видено доволно беда, сиромаштија, војни, омраза и гнев, меѓутоа, во име на подобрата сегашност и иднина, потребна ни е соработка и разбирање, не како форма, туку суштински.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски, на вечерашната инаугурација на бистата на Мајка Тереза во амбасадата на Република Косово во Скопје на која присуствуваа и претседателите на Косово и Албанија, Вјоса Османи-Садриу и Бајрам Бегај, како и други функционери од државава.

Пендаровски рече дека ликот на Мајка Тереза во просторот на косовската амбасада ќе нѐ потсетува на нејзината морална чистота и грижа за болните и сиромашните.

Ќе нѐ потсетува на една маркантна фигура која треба да ни биде инспирација да подаруваме и да се грижиме еден за друг како најблиски соседи и искрени пријатели, рече Пендаровски, кој дополни дека мултиетничката, мултикултурна и мултирелигиозна македонска средина во која порасна Гонџа Агнес Бојаџиу, сѐ уште е пример на соживот и заемна почит.

Претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу, посочи дека трите соседни држави ги поврзува личната историја на Мајка Тереза.

Денеска сме тука три соседни држави со кои е поврзана личната историја на Мајка Тереза. Соединувајќи се сите во поклонение и почит на нашата светица како симбол на нашето пријателство и билатерални односи и светла евроатлантска иднина, рече Османи-Садриу.

Косовската претседателка истакна дека историската блискост и заедничката евроатлантска цел се заедничка цел и надеж.

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај, рече дека каква што беше службата на Мајка Тереза, таква треба да биде заедничката посветеност да се пренесе тоа на наредните генерации.

Почестени сме што сме дел од нејзиното етничко и културни наследство. Треба со почит и поклон да го чуваме ова наследство, да бидеме блиску до луѓето, посебно до оние на кои најмногу им треба тоа, рече Бегај.

Мајка Тереза (Гонџа Агнес Бојаџиу) или Света Тереза од Калкута е католичка калуѓерка, добитничка на Нобелова награда за мир и светица во католичкиот свет родена во Скопје.

За својата хуманитарна работа има добиено повеќе од 700 награди и се смета за најнаградуваната личност на XX век.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.