Како дел од активностите предвидени за време на учеството на конференцијата за безбедност ГлобСек Братислава 2022, претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше билатерална средба со вицепремиерката на Украина, задолжена за европска и евроатлантска интеграција Олха Стефанишина, соопшти владината прес-служба.
На средбата премиерот Ковачевски ја осуди воената агресија на Руската Федерација на Украина и ја истакна цврстата поддршка на Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници пред 2014 година.
Ковачевски на средбата со украинската вицепремиерка Стефанишина изрази почит за храбрата одбрана на Украина и херојскиот отпор на народот на оваа земја во одбраната на својата земја.
Премиерот Ковачевски ја реафирмираше подготвеноста на Македонија за целосна политичка и практична поддршка за помош на Украина и во таа насока ја посочи одлуката за повторното отворање на нашата амбасада во Киев како уште еден знак за солидарноста со Украина и за одржување на билатералните односи и во услови на војна.
Македонија, рече Ковачевски на средбата со вицепремиерката Стефанишина, им се приклучи на напорите предводени од ЕУ за организирање ефикасна хуманитарна помош преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ и е подготвена да ги прифати и засолни сите на кои им е потребна заштита, кои бегаат од војната во Украина.
Ковачевски уште додаде дека Македонија целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и се вклучи во пакетот санкции против Русија, како и во поддршката на Украина во случајот против Русија пред Меѓународниот суд на правдата.
Претседателот на Владата Ковачевски потенцираше дека Македонија како најмлада земја-членка на НАТО, е силно посветена на политиката на отворени врати на Алијансата заснована на заслуги и е подготвена да ја поддржи Украина со нашето искуство и експертиза од нашиот процес на евроатлантска интеграција.
Двете земји, беше споделено од соговорниците на средбата, од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година имаат многу добри билатерални односи за кои беше истакнато дека останува интересот после војната да бидат унапредени со огромниот потенцијал за соработка на различни полиња.
Премиерот Ковачевски на средбата ја прифати поканата на вицепремиерката на Украина, задолжена за европска и евроатлантска интеграција Олха Стефанишина, да го посети главниот град на Украина Киев, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.