Теми од областа на безбедносната и регионалната соработка, со прашања од областа на критичната инфраструктура, геополитичката ситуација и како таа се имплицира врз регионот, секако и од аспект на ситуацијата околу Украина, ќе бидат дискутирани и разгледувани на регионалниот Безбедносен форум „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западниот Балкан“ што во организација на НАТО – Маршал алумни организацијата од денеска се одржува во Охрид.
Оценка на учесниците на работилницата, меѓу кои професори од САД, од НАТО-колеџот во Рим, професори, експерти и дипломати од областа безбедноста од балканските држави и ЕУ е дека настаните во Украина и надворешната пропаганда претставуваат дополнителен притисок врз просторот на Балканот, регион што веќе го носи епитетот политички нестабилно подрачје.
Нерешената ситуација околу статусот и внатрешната стабилност на Босна и Херцеговина, потоа односите на релација Белград – Приштина, влијанијата врз внатрешните работи во Црна Гора со слабите институции, поделеноста на безбедносниот сектор во земјата, познатиот став на Бугарија кон Македонија, за експертите претставуваат прашања што дополнително го прават регионот ранлив и подложен на надворешни влијанија за остварување некакви интереси.
– Ситуацијата на Балканот во многу ќе зависи од исходот од кризата во Украина. Доколку Русија успее во Украина тоа нема да е добро по Западен Балкан оттаму што тоа ќе создаде нови апетити, Србија паритетно на Русија незадоволна од губењето територии може да покрене слична постапка…Од друга страна, ако Русија не победи ќе има обиди да се дестабилизира Западниот Балкан и на тој начин да се наштети на ЕУ и роцесот на интеграција на регионот во Унијата, процени професорот Мехмедин Тахировиќ од Црна Гора.
Според него, она што е симптоматично за регионот е дека времето покажува оти проблемите не се решаваат.
– Дали има некакви други намери за прекомпозиции на Балканот за кои сме зборувале и што Јанша ги соопшти, тоа ќе видиме. Времето покажува дека работите на Балканот не се решаваат. Клучното прашање е зошто. Ние сме во НАТО, и Северна Маедонија и Црна Гора, кандидати сме за ЕУ, а проблемите не се решаваат. Сметам дека се чека на безбедносно решение по однос нерешените територијални прашања, а дури потоа ќе се овозможи на земјите од Западен Балкан напредок во евроинтегративниот процес. На крајот сето тоа ќе зависи од исходнот на војната меѓу Русија и Украина, дали регионот ќе биде во втор или во прв план, рече професорот Тахировиќ.
Професорот Методи Хаџи-Јанев цени дека безбедносната ситуација во регионот се движи во сите можни насоки, а внатрешните проблеми во земјите од регионот стануваат основен апатет за оние што сакаат да ги искористат во надворешен план.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.