Со Одлука на Владата од минатата недела, второто полугодие во основните и средните училишта во земјава треба да почне утре со физичко присуство на учениците. Но, во пресрет на продолжението на учебната година зачестија барањата за почеток на второто полугодие со онлајн настава. По Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), со вакво барења излезе и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на 26 јануари по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари. Министерот за здравство Беким Сали во петокот изјави оти ваквата одлука е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство. Тој сепак нагласи дека Министерството за здравство ќе спроведува скрининг меѓу учениците по случаен избор и доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, ќе бидат преземени соодветни мерки мерки.

Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки, изјави Сали.

СОНК во четвртокот побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство, со оценка дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во изјава за МИА истакна дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.

Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство, нагласи Неделков.

Во петокот и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” соопшти дека упатила барање до Владата и до Комисијата за заразни болести за преиспитување на одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство на учениците.

Според „Меѓаши”, бројот на заболени деца што се јавиле во Институтот за белодробни заболувања во периодот крајот на декември 2021 – почетокот на втората половина на јануари е двојно зголемен од вообичаениот број за време на најголемите пикови во претходните бранови, па со оглед на ваквата состојба неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн.

Цврсто веруваме дека оваа одлука треба да биде преиспитана во насока на започнување на полугодието со онлајн настава, најмалку за две седмици од февруари, а потоа да се одлучи повторно за евентуално продолжување одреден период, следејќи ја актуелната епидемиолошка состојба. Меѓу другото, сметаме дека е добро Владата да размисли за брзо реагирање и обезбедување на сите основни и средни училишта со брзи тестови, така како што и голем дел држави веќе подолго време практикуваат. Веруваме дека и приватниот сектор (особено фармацевтскиот) би можел да излезе во пресрет и да го заштити јавното или колективното здравје доколку им се обрати Владата. Искрено веруваме дека ќе ја донесете вистинската одлука што е во најдобриот интерес на децата, се наведува во барањето од „Меѓаши”.

Вчера и ВМРО-ДПМНЕ побара власта да ја преиспита одлуката за започнување на второто полугодие со физички присуство „во услови кога сојот омикрон коси во државата”.

Затоа предлагаме наставата од второто полугодие за учениците од четврто до деветто одделение да продолжи онлајн во наредните две недели, а од прво до трето одделение наставата да започне со физичко присуство, но секојдневно да се следи епидемиолошката состојба во училиштата низ Македонија, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквото барање на ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ го оценија како „лицемерно, неискрено и лажно”.

Одлуката за наставата да продолжи со физичко присуство е донесена врз основа на мислењето на стручните лица, на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ. Здравјето на учениците е заштитено со спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство, а тоа се покажа и во минатото, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Здруженијата „Од нас за нас” и „Слобода и правда”, пак, вчера со протестен караван со автомобили и вклучени сирени низ улиците на Струмица побараа учебната година да продолжи со физичко присуство, но без протоколи за децата, односно без носење маски.

Барање за укинување на задолжителното носење маски во училиштата, уште претходно достави и Иницијативата „СТОП за носењето маски во училиштата”, која дури најави дека нивните членови нема да ги пуштаат децата на настава во второто полугодие со маски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.