Пратеникот на движењето Беса, Бастри Бајрами информира дека од денеска ќе дејствува како независен. Тој доставил известување до претседателот на Собранието.
Јас долупотпишаниот пратеник Бастри Бајрами, ве информирам дека од денес ќе дејствувам како независен пратеник во Собранието на Република Македонија, се вели во известувањето на Бајрами испратено до спикерот Талат Џафери.
Ова доаѓа после обидот за окрупнување на албанскиот опозициски блок, откако поранешниот член на ДУИ, Изет Меџити, кој најави дека ќе формира ново политичко движење, седна на иста маса со лидерите на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши.
Токму Меџити објави дека разговарале за принципите на нивната идна соработка за обединување на албанската опозиција, чија цел е пресврт на силите, односно испраќање на ДУИ во опозиција на следните парламентарни избори. Лидерот на Движењето Беса, Касами, средбата ја оцени како многу конструктивна, а на која, како што вели, било разговарано за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена.
Сепак, проектот за опозициски фронт на Меџити, Касами и Гаши може да се одрази негативно за Беса. Ова може да се заклучи според објавата на заменик-претседателот на партијата Арјанит Хоџа.
Од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ со оглед на тоа што главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои не далеку од денес беа актери за одржување на актуелната власт во живот и ја спречија ротацијата во албанскиот политички табор. За детали за политичките убедувања и луѓето кои го делат истото политичко мислење со мене, ќе ве известиме преку прес-конференција во текот на оваа недела, стои во објавата на Хоџа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.