Ваше Блаженство, почитуван и сакан наш Архипастиру,

Соочувајќи се со Вашата реакција во јавноста, а во однос на нецелосното презентирање на Вашата титула „Архиепископот Охридски и Македонски” длабоко извинувајќи ви се како организатор на концертот, сакаме да Ве известиме дека се работи за ненамерен пропуст во составувањето на сценариото и воедно да отфрлиме секаква залонамерна предумисла.

Имено, како што внимателно испитавме и утврдивме, непосакуваниот пропуст настана во воведот на сценариото, односно во обраќањето на почетокот, од каде што потоа вашето скратено ословување се појави и на кајронот при Вашето обраќање, при што јавниот сервис МТВ нема никаква вина по однос на ова непредвидено искушение.

А дека се работи за ненамерен пропуст, докажува и тоа што во подоцнежниот дел од сценариото, и од страна на водителот, како и од страна на претставникот на нашето здружение, бевте посочени и повикани на сцената со Вашата полна титула: архиепископ Охридски и Македонски”.

Впрочем, топлиот дух на целата атмосфера, како и љубовта со која Ви се обраќавме – не само ние, туку и пејачката  на концертот, којашто во повеќе наврати Ви се обрати неформално но топло и срдечно – сведочи за нашата верност, посветеност и синовска почит кон Вас.

Ние како здружение, верно на нашата најсвета МПЦ-ОА, сме сигурни и постјани во љубовта и почитта кон Вас, Вашата личност, кон Вашето дело и кон местото на Претстојател на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Ние сме верници кои го почитуваат редот и поредокот во Црквата и не сакаме никого и со ништо да навредиме, а нашата љубов кон Вас, досега многупати, а вчера особено беше покажана пред лицето на јавноста не како нешто невистинито, туку како изблик на искрена љубов кон Вас од нашето срце. Всушност, и целиот наш волонтерски ангажман кон возобновувањето на автентичните православни традиции за празнувањето на Божик, со поворките и пеењето на преданиските текстови на каландите, е еден наш жртвен и макотрпен принос, но и дар за нашата Црква, како и за Вас како нејзин Поглавар.

Не сакаме оваа ненамерна ситуација да фрли сенка на сиот наш досегашен труд, на нашето уважување и љубов кон Вас. Особено не поради лошите намери на поединци, кои без никаков труд, сега сакаат со своето лошо  зборување и злонамерно расудување – правејќи проблем таму каде што го нема, да го урнат тоа што е очигледно – нашата ревност кон верата и преданијата на Црквата.

Примете го уште еднаш нашето длабоко извинување за ненамерниот пропуст.

Со прозби за Вашиот благослов и архипастирските молитви,



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.