Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска дадоа изјави по повод почнување со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар.

Тие во непосредна близина на патарината кај Тетово разговараа со инженерите од „Бехтел и Енка“, околу процесот на испитување како дел од подготвителните работи за изградбата на нови коловозни ленти за автопатот.

-Со потпишувањето на договорот за Коридорот 8 и Коридорот 10д ние неколку пати рековме дека почнуваме со нов концепт на градба на нашите патишта. Истовремено почнуваме со четири главни активности на градба на Коридорот 8 и на Коридорот 10д. Од денеска почнуваме со геомеханичките испитувања, паралелно ќе одиме со проектирање, паралелно одиме со подготвување на елаборати за експропријација и паралелно одиме со мобилизација на градба. Во моментот кога ќе ги имаме експроприрана дел од трасата и проектирање веднаш ќе почнеме и со градбата на Коридорот 8, изјави Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Според Рустеми овој начин на паралелна работа е разлика од градењето патишта порано, па затоа смета дека според договорот овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени во предвидениот рок за помалку од пет години.

-Овде е голема разликата помеѓу стариот концепт што го имавме досега и новиот концепт сега што го имаме со „Бехтел и Енка“. Бидејќи со црвениот фидик ние прво требаше да имаме проектни задачи, па да проектираме, па после да вршиме ревизија на проектот, па после да добиваме одобрение од Министерството за транспорт и врски. За целата постапка ни требаше 4-5 години да заврши проектот па после да почнеме со градежните работи. Со новиот концепт ние паралелно ги тераме сите овие активности и геомеханички испитувања, и проектирање, и експропријација и градежни работи. Овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени за 4 години и 7 месеци, истакна Рустеми.

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем воедно и координатор за изградбата на автопатиштата Артан Груби по разговорот со инженерите истакна дека геомеханичките испитувања ќе значат ископувања со машина на длабочина од шест до седум метри на секои 100 метри на цела траса до Струга за да се утврди составот на земјата и постапката понатаму.

-Сега каде што сме ќе се гради страничен пат на автопатот. Постоечкиот автопат Гостивар-Тетово ќе се сруши и ќе се прави нов автопат со по три ленти во еден правец и уште толку во другиот правец. Ќе има страничен пат за поврзување на селата, ќе има надвозници, ќе има подвозници, рече Груби.

На новинарско прашање колку пари се исплатени досега на „Бехтел и Енка’“ директорот Рустеми рече дека има исплатено 117 милиони евра за што имале соопштение на денот кога се пуштени тие средства.

-Ако можете да видите и сега оваа механизација е од компанија од Македонија. Значи, сите активности што се одвиваат сега се ангажираат компании од Македонија и сите и во наредниот период ќе бидат ангажирани и сите наши служби што ги имаме од Република Македонија, рече Рустеми.

На 4 април во непосредна близина на ова место беше поставена табла со која се најави почетокот на градба на делот од Коридор 8 односно автопатот Тетово-Гостивар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.