Имајќи ги предвид неодамнешните случувања во Србија, како и претставките кои македонските граѓани ги упатуваат за начинот на информирање, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува сите медиуми, при известувањето за трагични настани, да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности. Ова особено се однесува на информирањето за настани во кои се вклучени малолетни лица кои се сторители или жртви на кривични дела.

Вестите и информативните програми не треба да се темелат на сензационализам туку треба да содржат проверени информации. Вклучувањето описи, сцени и/или глетки на насилство или друг материјал којшто може да го загрози физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите, мора да биде засновано на одговорна уредничка проценка за неопходноста на нивно прикажување.

Професионалната одговорност подразбира и дека жртвите на насилство треба да се третираат со максимална почит и да се води сметка за заштита на приватноста, човековото достоинство, како и личната болка и жалост на жртвите.

Покрај медиумите и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи треба да покажат максимална општествена одговорност при реемитување сервиси кои содржат програми со насилство, вулгарен говор и други непримерни содржини кои лошо влијаат врз малолетниците и генерално, можат да ја вознемират општата јавност со таквите содржини. Тоа значи дека треба да бидат особено внимателни при одлучувањето какви сервиси ќе реемитуваат и да применуваат најстроги технички мерки за родителска контрола, се наведува во соопштението од АВМУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.