Република Македонија е жртва на дипломатската непособност и незнаење на оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ. Тотален дебакл и перманентно нарушување на сите преговарачки позиции со Бугарија е резултат на оваа влада, предводена од СДСМ и ДУИ. Смешни се кога ги слушаме од владата дека велат дека државата била цел на хибриден напад, кој пак ниту се обиделе да го спречат доколку го имало, ниту пак поднесуваат одговорност затоа што не можеле да го спречат доколку имало такво напад. Смешни оправдувања за неспособноста на оваа влада, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:
Она што е многу важно денес да го одговори јавно владата, на јавноста, на граѓаните, медиумите, е следново:
-Дали денеска има тим од МНР кој е пратен во Република Бугарија да преговара за францускиот предлог?
-Дали е точно дека овој тим денеска преговара за предлогот да биде ставен во протокол за Европската унија?
-Дали со ова молчење, тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата, далеку од очите на јавноста каде што ги води овие преговори во Софија?
Ковачевски, Османи, Маричиќ и сите останати да одговорат што работат и што преговараат тајно, далеку од очите јавноста во однос по ова прашање поврзано со францускиот предлог.
Благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и притисокот кој што беше најважен, планот на Ковачевски, Османи и Маричиќ, предлогот веднаш да помине во двете собранија не се случи, во Република Македонија заради притисокот за кој што споменав претходно, а во Бугарија заради оставката на тамошниот премиер.
Ваков дебакл, каков што ѝ се случи на Република Македонија и на граѓаните, не се случил никогаш и никаде во ниту една дипломатија.
Ова е срам, ова е брука, ова е тотално непознавање на елементарните дипломатски работи, класично непознавање на дипломатската професија на луѓето кои што во моментов ја работат во владата и класично неспособно работење и незнаење на една влада, во случајов владата предводена од СДСМ и ДУИ.
Уште истиот момент, кога ќе ги погледнете луѓето кои ги водат преговорите ќе сфатите дека се работи за класични неработници и непознавачи на дипломатијата.
СДСМ и ДУИ не смеат да преговараат против националните интереси и за францускиот предлог да биде ставен во протокол за ЕУ.
Ковачевски, Османи и Маричиќ мораат јавно да одговорат што прават тимовите денеска во Софија и најважно, мора да се сноси одговорност за овие дипломатски дебакли и неславни моменти што ги доживува државата и тие единствено паѓаат на товар и штета на граѓаните и државата.
Оставка е најмалку што може да направи оваа влада, бидејќи срамот ќе остане, но тие мора да си заминат веднаш, за да не доживуваме нови дебакли како држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.