Добро ви е познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква, истакна архиепископот г.г. Стефан во обраќањето до вселенскиот патријарх Вартоломеј по денешната нивна заедничка Патријаршиска и синодална литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј“ во Истанбул.
– Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…. , рече меѓу другото г.г Стефан.
Како што јави известувачот на МИА од Истанбул, тој му порача на Вартоломеј дека во него е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство.
– При Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? …сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите“, рече архиепископот Стефан.
Тој натаму нагласи дека нашиот завет е дека „упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна изјави дека на крајот на денешното историско сослужување со Вас, во овој наш Сечесен Патријаршиски Храм, „го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму“.
– Особено се радуваме за личното присуство на Превосходниот Претседател на Владата на Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас, додаде патријархот Вартоломеј.
Тој изрази верба дека овој настан значи потполно разбирање од наша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон нашиот народ, но и за одговорноста која се понесува, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет.
– Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин, истакна г. Вартоломеј .
На литургијата присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, пратеници и околу 700 верници од државава кои самоорганизирано допатуваа во Истанбул да присуствуваат на овој историски чин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.