Државната комисија за спречување на корупцијата отвара предмет за надзорот на изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10 што го доби компанијата „Бехтел и Енка“, а надзорот го врши ИРД, а како се избрани уште три компании.

Според ДКСК, треба да се проверат информациите пласирани во медиумите дека фирмата „Ептиса“, која е една од подизведувачите, имала забрана од државата за да не биде ангажирана на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување, но пред тендерот Владата ја поништила таа забрана.

Велат дека ќе треба време за да се обезбедат сите документи затоа што се работи за огромен тендер.

Ако се има предвид фактот дека е огромен тендер со голема вредност, мислам дека вреди да се почека да се добие таа документација и дополнително потребно е време за нејзино анализирање. Тие се странски фирми за кои нашето истражување по нив ќе биде малку ограничено. Доколку има потреба ќе се потрудиме да најдеме и дополнителни податоци, изјави Катица Николовска, член на ДКСК за „Сител“.

Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски излезе со тврдење дека од 2016 година соппственик на шпанска „Ептиса“ е кинеска компанија и дека генералниот директор на компанијата е Кинез.

Договорот за изградба на четири автопатски делници беше потпишан вчера со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според договорот што беше потпишан во Владата, конзорциумот „Бехтел и Енка“ на 22 април годинава треба да биде воведен во работа за изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар (17,5 км) Гостивар – Букојчани (30,3 км) и Прилеп -Битола (39,3 км), а на 12 декември и на делницата Требеништа -Струга -Ќафасан во должина од 21,7 километри. За изградбата на автопатските делници во вкупна должина од 108,8 километри во вредност од 1,3 милијарди евра, изведувачот доби обврска сам или преку домашни проектански фирми и компании истовремено да проектира и да гради.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.