На денешната седница македонското Собрание го усвои предлогот за формирање анкетна комисија утврдување на одговорност за политичките и здравствените функционери за состојбата на Клиниката за онкологија.

Во анкетната комисија ќе учествуваат 14 пратеници, од кои шест ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, два од ДУИ и еден од Алијанса за Албанците.

Анкетната комисија ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието за еден месец од завршувањето на својата работа.

Предлогот за формирање анкетна комисија е на ВМРО-ДПМНЕ, а доаѓа откако Обвинителството отвори предистражна постапка поведена врз основа на наводите во новинарски текстови за работата на Клиниката, третманот кон пациентите и кражбата на лекови.

Скандалот со Клиниката за онкологија ја отвори денешната седница, со процедуралното обраќање на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, која рече дека единствена точка по која би требало да се расправа на денешната седница е токму овој морбиден случај.

Најпрво дозволете да изразам сочувство до сите семејства во Македонија чии членови изминатиов период се лекувале или починале од несоодветна терапија поради лукративни или морбидни вработени на Клиниката за онкологија, чест на исклучоците. Исто така, сакам да изразам и жалење што денес е прв работен ден на ова Собрание после овој исклучително голем и морбиден скандал, а ние, како што гледате и сведочите, го започнуваме со една нова седница на која нема ниту една точка по однос на овој скандал. Да имавме луѓе со морал, чест и доблест уште во саботата вечер ние овде ќе расправавме за оставка на Владата. Да имавме претседател со чест и доблест, уште во саботата ќе дојдеше овде да ни се обрати нам, на пратениците, конечно да имавме колеги од владејачко мнозинство со чест и со доблест денес сите заеднички ќе се сложевме да расправаме по една друга пленарна седница со единствена точка на дневен ред, а тоа е она што на сите нам ни се случува со болните од рак на Клиниката за онкологија. За жал, ништо од ова не се случува, проблемите само се напластуваат, се тргаат настрана и, како што можете да сведочите, ниту еден проблем не може да се реши ако вака се однесувате и го тргате настрана, рече Стојановска.

Пратеникот Миле Лефков рече декаЦелата јавност е згрозена од скандалозните случувања на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија.

Згрозена е од начинот на кој пациентите се борат да дојдат до својот лек, згрозена од начинот како се крадат цитостатици, згрозена е од неодговорноста на Владата и целата направена шема која години наназад функционирала во болницата, а безмилосно удира по грбот на пациентите, рече Лефков.

Како клучно што треба да се напомене пратеникот го посочи извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од ревизијата извршена на Клиниката за онкологија во 2022 година. Конечниот извештај на ДЗР, посочи Лефков, е објавен во март 2023 година во кој, цитирајќи делови од него, рече оти пишува дека имало набавка на лекови на реверс без формирана цена, пречекорување на буџетот, неплатени долгови, пропусти при набавка на биолошка терапија, лошо планирање на системот на приклучување на пациенти. Ова, како што рече Лефков, се само дел од забелешките на ДЗР.

Клучни забелешки има за начинот на набавка на биолошка терапија, освен тоа се делела само со одлука на докторите без медицински протоколи и без стручен колегиум поради што пациентите биле во опасност да остана без терапијата со која се лекувале. Самото непостапување по ревизорскиот извештај носи директна одговорност за Владата. Еве ги ревизорските извештаи кои се резултат на извршена ревизија на Клиниката за онкологија“, рече Лефков од собраниската говорница.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.