Стојанче Ангелов заедно со воени инвалиди, бранители од 2001 година одржа прес конференција, на која изјави дека ја продолжува битката за иницијативата за праведно обесштетување на четворицата ранети бранители од 2001 година.
„Во текот на 2001 година одредени припадници на безбедносните сили беа ранети, а некои ги загубија животите. Членови на семејствата на загинатите бранители, но и воени инвалиди поднесоа тужби против МВР и Mинистерството за одбрана. Првостепените судови без исклучок пресудуваа во корист на воените инвалиди и во корист на семејствата на загинатите, со што доделуваа одреден паричен надомест, како нематеријална штета за претрпена загуба на блиско лице или за намалена животна активност, претрпен страв.
Апелационите судови ги потврдија сите пресуди, по што започна исплатата. За жал неколку години подоцна врховниот суд го поништи основот по кој што воените инвалиди и семејствата на загинатите беа обештетени, после што МВР и министерството за одбрана започнаа со контра тужби а во одредени случаеви и директно со контра извршување кон овие уѓе кои земале паричен надомест. Под силен пиритисок владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година донесе одлука со која ги повлече тужбите, но за жал против четири припадници на безбедносните сили тужбите не беа повлечени“, вели Ангелов
Ангелов доби поддршка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за нивната Иницијатива.
„Во текот на оваа недела делегација на Достоинство оствари работна средба со Мицкоски, кај кој наидовме на разбирање и недвосмислена директна поддршка за решавање на овој проблем. Свесни дека ова иницијатива повторно може да заглави во владините лавиринти и покрај неспорно позитивната волја на клучните фактори во Владата, ние најавивме и изработка на Предлог-закон за надминување на овој проблем. Законот е во завршна фаза. Од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски добивме уверување и гаранција дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на овој закон“, рече Ангелов
Тој нагласи дека вчера имал и телефонски разговор со премиерот Димитар Ковачевски, кој, како што рече, исто така дал неспорна поддршка за оваа иницијатива, која треба да ги помине владините процедури.
„Останува нашето барање за средба со премиерот Ковачевски во следниот период на која што ќе ја разгледаме оваа иницијатива и можност да помине во владина процедура. Но, доколку повторно не успееме да ја поминеме во владина процедура оваа иницијатива за четирите воени инвалиди коишто со законска камата ја враќаат назад на државата земената оштета, ќе ја предложиме во Собранието како Предлог-закон. Се поставува прашање дали да ја внесеме како граѓанска иницијатива со десет илјади потписи или со поддршка на одреден број пратеници“, посочи Ангелов.
Тој додаде дека Достоинство изработи уште една иницијатива за праведно обесштетување на 17 семејства на загинати бранители и на 30 воени инвалиди, коишто за жал до ден денес се уште се необесштетени.
Тој посочи дека со сума од 500 до 600 илјади евра државата, како што рече, конечно ќе може да ги затвори прашањата поврзани со воените инвалиди и семејствата на загинатите од 2001 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.