Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Анализа на ТВ 24, вели дека со денешната лидерска средба помеѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, се разобличени две лаги, а тоа е дека власта има двотретинско мнозинство за уставни измени, како и дека ВМРО-ДПМНЕ е антиевропска партија.
„Две лаги се разбиени со денешната лидерска средба. Првата лага е онаа на Артан Груби поддржана од Бојан Маричиќ дека веќе имаат обезбедено две третини во собранието и дека таму има некое западно европско крило во ВМРО-ДПМНЕ, кое што веќе е подготвено да гласа. Со желба да се има лидерска средба и да се дискутира со претседателот Мицкоски и со фактот дека беше кажано дека од ВМРО-ДПМНЕ зависат уставните измени, првата лага е разбиена дека мнозинство во собранието нема“, истакна тој и додаде:
„И втората лага која што е форсирана, а која што повеќе од СДСМ беше форсирана е дека ВМРО-ДПМНЕ е антизападна и антиЕУ. И оваа лага е разбиена. Ова е веќе трет пат да се разбие, затоа што ова е трет конструктивен предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ве потсетам дека имавме предлози и претходно, односно да не се прифаќа преговарачката рамка кога таа не беше ниту потпишана, и вториот предлог беше хрватскиот модел на преамбула на уставот, кој што е европски модел, а не беше прифатен од страна на СДСМ“.
Андоновски потенцираше дека можни се уставни измени само доколку Република Македонија пристапи кон Европската Унија и доколку имаме загарантирани и заштитени македонски национални интереси.
„И сега третиот предлог кој што ние го даваме, можни се уставни измени само тогаш кога Македонија ќе пристапи кон Европската унија и кога ние ќе ги имаме гарантирано и заштитено сите македонски национални интереси. Овој став е уште од пред една година со протестите пред владата од лани. А тоа е дека во кави услови и вакви околности ние уставни измени не прифаќаме. Значи, ако останат околностите вакви какви што се, ние не прифаќаме“, дециден е Андоновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.