Членот на Советот на Град Скопје и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, одржа прес-конференција, на која реагираше за како што вели „непромислениот, избрзан и нечовечки упад на градоначалничката Арсовска“.

Во време на најголема криза во најава, од работа се планира да се избркаат 100 работници од ова јавно претпријатие. Без објаснување каде овие луѓе згрешиле. Без замерки за нивната работа. Без аргументи. Знаеме дека во периодот од 05.07.22 до 07.07.22 во ова јавно претпријатие извршен е инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат на труд, за кој има записник, дека се во врска со работните односи е кристално чисто и дека Водовод е институција каде сите влезови и излези се евидентирани на електронски систем, како и со потпишани пропусници и за службен и за приватен излез на вработените. Значи нема отсуства од работа и нема недостатоци. Но, Арсовска, спротивно на било каква логика или доказ, го разреши и директорот на ова јавно претпријатие. И сакаше и да го разреши и секретарот на Градот Ѓоко Велковски откога истиот си поднесе оставка, од се уште неразјаснети причини поврзани со јавното претпријатие. И покрај успесите во работењето, проектите, позитивните промени, како и позитивните оценки од меѓународните кредитори, Арсовска реши да го разреши Перински. Сега, истото го прави и на недолжни работници кои посветено си го вадат својот леб од работата во јавното претпријатие. Од работен ангажман се бркаат луѓе кои својата работа ја вршат повеќе месеци, а некои од нив и со повеќе години.Наместо нивната стабилност да биде гарантирана пред очекуваната криза, тие сега се бркаат, вели Андоновски.

Тој додаде дека на однесувањето на Арсовска реагираат и бројните синдикати на вработените во претпријатието.

Гласно алармираме дека Градот не смее вака да се води. Данела Арсовска нека се вразуми, и во духот на успешен менаџер за каков што се претставуваше нека се воздржи од вакви нагли и непромислени потези. Луѓето заслужуваат да си ја задржат работата која си ја вршат со посветеност и чесност. Градоначалник, запрете ја постапката. Заборавете на реваншизам кон недолжни работници. Посветете се на реализација на проектите, заклучи Андоновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.