Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски имаше воведно обраќање на третата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК), на Работната група 6 – Антикорупција, на тема „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“. На настанот, покрај министерот Андоновски, со воведни говори се обратија и националниот координатор на НКЕУ-МК, професор Милева Ѓуровска, и Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Во своето обраќање, министерот Андоновски ја истакна важноста на дигиталната трансформација како клучен приоритет за Европската Унија, која третата декада од Третиот милениум ја прогласи како декада на остварување на високо ниво на дигитална трансформација. Тој подвлече дека преку дигитална трансформација имаме можност да ја унапредиме транспарентноста и ефикасноста на јавните финансии, создавајќи кохезивна дигитална инфраструктура која ќе овозможи поефикасно управување со јавните ресурси и зголемена доверба на граѓаните во институциите.

Нашите напори за дигитална трансформација се насочени кон иднината – иднина во која инвестициите во дигиталната инфраструктура ќе бидат двигател на сите сфери од општеството, која за разлика од автопатите и железниците, не препознава граници, рече Андоновски.

Во контекст на поврзливоста и воспоставувањето на кохезивна дигитална инфраструктура, Андоновски зборуваше за напорите што веќе се прават за унапредување на функционалноста на Платформата за интероперабилност која овозможува електронска размена на податоци и документи помеѓу институциите, но и меѓу институциите, компаниите и граѓаните на стандардизиран, безбеден и унифициран начин.

Не можеме да зборуваме за примена на Вештачка интелигенција, алатки за подобрување на транспарентноста или откривање на потенцијални случаи на корупција доколку над 90% од институциите податоците ги чуваат на хартија или ги разменуваат на традиционален начин, a не се поврзани во една заедничка дигитална околина. Дигитализацијата на регистрите ќе овозможи брз пренос на податоци и примена на алатки за нивна автоматска обработка и анализа. По постигнување на оваа цел, потенцијалот за примена на ИКТ технологии во контекст на денешните теми неколкукратно се зголемува, нагласи Андоновски.

Настанот продолжи со дискусија на различни засегнати страни, вклучувајќи претставници на релевантни институции, граѓански организации, меѓународни експерти и други. Присутните разговараа за прашањата поврзани со дигиталната трансформација и нејзината улога во подобрување на јавните финансии и борбата против корупцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.