Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска ги прими амбасадорката на Украина во Македонија, Лариса Дир и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.

Како што се наведува во соопштението, на средбата со Дир било изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласила нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.

Двете соговорнички, како што се посочува, размениле мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Силјановска Давкова ја нагласила македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.

Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Силјановска Давкова ѝ посакалс успешно извршување на функцијата.

На средбата со Лосон, како што информира Кабинетот на претседателката, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Силјановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата.

Претседателката посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.

Како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Амбасадорот Лосон на претседателката Силјановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.

Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат, се вели во честитката од кралот Чарлс Трети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.