Точна е објавената бројкатна вработените во јавната администрација, но во неа ги нема оние кои се ангажирани со договор на дело и со нив се мисли дека вкупната бројка е поголема за две до три илјади, посочи министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Тој во гостувањето на Телма се осврна на извештајот што беше презентиран денеска, а во кој се вели дека заклучно со крајот на 2022 година, вкупната бројката на административци изнесувала 129.374, што е за 2.714 помалку во однос на 2021 година.

Алиу напомена дека најголем дел од институциите или 60,7 отсто се на локално ниво, а 39,3 отсто се на централно ниво. Во текот на минатата година се формирани девет нови институции, а згасната е една.

Тој посочи дека постојат институции во кои бројот на членови на Управни одбори е поголем од бројот на вработени и затоа постои процес на скенирање, кој ќе даде јасна слика за тоа што се случува, по што ќе следува втората фаза на нивна оптимизација.

Министерот исто така потенцираше и дека има неколку закони кои се во почетна, а некои се во завршна фаза и изрази очекување дека наскоро ќе се најдат на гласање пред пратениците.

Според директивите на Европската Унија, ние сме задолжени да одиме кон оптимизација на јавната администрација. Но, тоа не значи дека не треба да се креира една институција, да згасне друга институција, да се поврзуваат две во една итн. Таа е методологијата по која треба да се работи во овој период. Имаме експерти и домашни и странски кои прават функционална анализа на ниво на институции и нудат сервиси во тие институции, со цел да нема поклопување на надлежностите. За жал, досега се детектирани неколку институции во кои дел од процесот е во една, па потоа продолжува во друга. Тоа подразбира оптимизацијата – истакна Алиу.

Во однос на дигитализацијата, Алиу рече дека се работи на креирање на Закон за Агенција за дигитализација, кој, како што рече, ќе биде „чадор“ на ниво на држава и кој ќе ги имплементира политиките за дигитална трансформација на ниво на државата.

Министерството за информатичко општество ги креира политиките за јавна администрација, за ИКТ и за медиумите. Во делот на ИКТ, се предвидува Агенцијата да ги иплементира тие политики на ниво на државата и ќе имаме оптимизација и синхронизација на тие процеси. Во моментов креираме 135 нови услуги. Ќе почнеме да ги имплементираме со слоганот „Дигитална ера“. Тие услуги кои се базични за граѓаните ни се приоритет и во оваа фаза интензивно работиме како Министерството, заедно со другите институции, за да се дигитализираат тие процеси – додаде Алиу.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.