Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше осуден за клевета и навреда на негов колега во Собранието, денеска поднесе претставка против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово, кој ја донесе пресудата.
Неџат Мемети противуставно, противзаконски и против пресудите кои што ги има како пракса и во Република Македонија и во Европскиот суд за човекови права, осуди пратеник за јавно искажан збор од собраниска говорница. Контекстот во кој живееме денеска го прави овој мој чекор нужен и неопходен.
Денеска, покрај тоа што не се уважува имунитетот на еден опозициски пратеник, сведоци сме и на осуда на новинари за критичка мисла. Сведоци сме на сериозен извештај со сериозни критики од ЕК токму во делот на правосудството, а сведоци сме на секојдневни пресуди кои што стигнуваат од Европскиот суд за човекови права за противправно постапување на македонските судови – рече Петрушевски по поднесувањето на претставката до Основен суд Куманово.
Тој побара Судскиот совет сериозно да ја разгледа неговата претставка и на ваквите судии да не им остави место во македонските судови.
Ако се дрзнал вака да осуди пратеник, може само да се замисли како суди на граѓаните во Република Македонија – рече Петрушевски.
Пратеникот Петрушевски е осуден на глоба од 150.000 евра по граѓанска тужба од пратеникот Мартин Костовски од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.