Насловот на денешниов текст е позајмен од латинската поговорка „Hannibal ante portas“, или „Ханибал е пред портите“, но Ханибал го заменив со МАНУ. Имено, познатиот картагински генерал во еден период бил синоним за најголемата опасност што му се заканувала на Рим, па затоа изреката се користи за да означи „закана од најголема опасност“. Но зошто и за кого записите и личните ставови на претседателот на МАНУ (прв меѓу еднаквите во МАНУ, како и другите членови, има право на свое мислење), па дури индиректно и на МАНУ, наеднаш станаа „најголема опасност“? Одговор на тоа прашање, кое во последно време станува сѐ поактуелно, ќе се обидам да дадам во продолжение на текстот, пишува академик Љупчо Коцарев за „Нова Македонија“.
Одговорот на првиот дел од прашањето – зошто МАНУ е „најголема опасност“, е едноставен: поради активните обиди за промовирање и претставување на научната вистина, со којашто не сакаат да се соочат одредени политичари и нивните апологети. Во морето на манипулативни, ненаучни и бескорисни информации, на што да веруваме? На научните факти, базирани на истражувањата на истакнатиот палеославист академик Ѓорги Поп-Атанасов, кои се однесуваат на „Охридската книжевна школа наспроти Плисковско-преславската – одлики и разлики“, на истражувањата на светски реномираниот византолог академик Цветан Грозданов, кои се однесуваат на иконите и фреските со портретите на Св. Климент и Св. Наум, на истражувањата на голем број светски научници, за кои, за жал, просторот не ми дозволува да се осврнам подетално, или на конфликтните, научно непринципиелните и несоодветните политички одлуки на историчарот Драги Ѓоргиев, во врска со кој секојдневно испливуваат на површината нови информации што создаваат сѐ повеќе сомнежи за неговиот пристап во работата!
Ако зборот „македонизам“ подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција, Бугарија и Албанија) и низ целиот свет – факти што се верификувани од светската наука, тогаш дали документите што ги негираат тие факти и промовираат невистини, лаги и манипулации, Македонците треба да не ги прифаќаат и да ги осудат? Или, којзнае по кој пат, ќе молчиме со наведнати глави!?
Притоа, треба да биде јасно дека отфрлањето на таквите документи не значи дека Македонците се против ЕУ, туку, напротив, тие се за ЕУ, но за унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ. Во овој контекст, можам со сигурност да тврдам дека членовите на МАНУ, особено јас, како нејзин претседател, никогаш и никаде не сме ги негирале и нема да ги негираме националниот интерес и достоинството на другите етнички заедници во државата, но зошто борбата за остварување и зачувување на националниот интерес и на достоинството на Македонците се восприема како дејство што им нанесува штета на другите етнички заедници во Македонија, особено кога за состојбата во која се наоѓаат Македонците, поголемиот дел од Македонците, вклучувајќи ме и мене, ги обвинуваат единствено македонските политичари – лукративните недостоинствени подлизурковци! Да подвлечам, да нема забуна, бидејќи Албанците во Македонија никогаш не се сметале и нема да се сметаат за Македонци со албанско етничко потекло, синтагмата „македонски политичари“, всушност, означува политичари од македонско етничко потекло.
Одговорот на вториот дел од прашањето – за кого МАНУ е „најголема опасност“, е повторно едноставен: за политичките и владејачките елити и нивните апологети за кои промовирањето на научноистражувачката вистина и факти им претставува опасност за нивните високи општествени позиции. Но зошто? Тогаш, неминовно, прво, треба да се прашаме каков е нивниот пристап во адресирањето на општествените предизвици со кои се соочува Македонија. Пристапот што најмногу се практикува во Македонија, за жал, можеби најдобро се опишува со зборовите: вкопани во своите ровови, двете најголеми македонски партии, политичарите и нивните верни сенки, изгубените души, кои сè уште не нашле мир – интелектуалци, професори, аналитичари и новинари, водат војна и по медиумите и на социјалните мрежи за „доброто“ на Македонија, при што не избираат средства, бескрупулозно лажат и манипулираат. Повеќепати критички ги анализирав двата периода на владеењето во Македонија, од 2006 до 2016 година и од 2017 до денес, периоди коишто најдобро се карактеризираат со синтагмите „заробена држава“ и „понижена држава“, соодветно.
Поголем дел од тие што, со право, до 2016 година, пишуваа, говореа и укажуваа на негативните последици од владеењето во тој период, и денес, упорно, вкопани во своите ровови, го прават тоа, бесполезно повторувајќи ги веќе кажаните работи, а не сакајќи да видат дека живееме во период на најголема морална криза, период кога македонскиот народ е, во континуитет, понижуван. Но тука не е крајот на трагичноста. Триесетгодишната историја на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, т.е. во своите удобни функционерски фотелји, а борбите ќе продолжат со несмалена жестина, при што, без индикации дека воопшто ќе завршат, најверојатно ќе траат во недоглед, до целосно истребување и изумирање на Македонците.
Манипулациите на членовите на политичките партии делумно може да се разберат, но не да се оправдаат – тие се лукративни властољупци, кои се способни на сѐ: и на продажба и на предавство. Меѓутоа, тоа што не може да се разбере се манипулациите на првиот човек на државата, чија должност е, во согласност со уставните одредби, неспојлива со вршење друга јавна функција, професија или функција во политичка партија, а, сепак, толку отворено работи во функција на одредена политичка партија. На моите аргументирани укажувања дека господинот Пендаровски лаже и манипулира, тој упорно го прави токму тоа, единственото нешто што знае да го прави и по што ќе биде запомнет во историјата. Има премногу примери, но еве го најновиот: коментирајќи ги моите текстови, тој вели: „Македонија е таква, постои внатрешна структура и ти ако почнеш да викаш Македонците се разнебитуваат против Албанците и Албанците против Македонците – рецепт за катастрофа“. Повторно, манипулација: никогаш никаде не сум напишал и рекол дека „Македонците се разнебитуваат против Албанците“, туку дека Македонија се разнебитува (разурнува, уништува), а Македонците исчезнуваат благодарение исклучиво на македонските политичари, и тоа упорно продолжува да го демонстрира господинот Пендаровски.
Мојот есеј со наслов „Две илјади осумдесет и четврта или последниот Македонец во Европа“ предизвика бура во јавноста. Со право или не, оставам читателите сами да одлучат преку примерот што го наведувам во продолжение, што претставува само еден од мноштвото од нашето секојдневие. Деновиве се врши упис на факултетите во земјава. Случајно ме привлече еден документ, од повеќето документи потребни за упис, со наслов „Изјава за национална припадност“ (не навлегувам во тоа дали е тоа документ потребен на сите универзитети или факултети, зборувам за конкретен факултет), во којшто по впишувањето на името, презимето и матичниот број на кандидатот, изборот се прави со пополнување на квадратчето на националната припадност за која кандидатот се изјаснува, избирајќи една од следните националности: 1. Албанец; 2. Влав; 3. Турчин; 4. Србин; 5. Ром; 6. Бошњак; 7. Друго. Толку!! – Се чини се чека само да се смени Уставот, па следната година да се додаде уште една националност – Бугарин. Значи, не треба да чекаме до 2084, Македонците веќе уште денес ги нема!
„МАНУ е пред портите“, значи „науката е пред портите“, иако МАНУ промовира научен пристап во решавањето на општествените предизвици и тоа го прави во континуитет од своето основање. „Нам ни е потребна револуција, но не со оружје – револуција на умот и совеста. Само на тој начин ќе го искорениме баналново слепило и ќе ги насочиме нашите креативности кон излезот од овој тунел. Тоа мораме да го сториме што побрзо, ако ја посакуваме иднината на оваа земја, а иднината сме јас, вие и сите млади луѓе што се гордоста на оваа држава“ (Апасиев, 2003 година). Достоинствени, чесни, доблесни, што не се предаваат, не се продаваат и немаат цена, млади Македонци од сите политички провениенции – тие се нашата единствена иднина и македонска гордост!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.