Секоја реформа на Судскиот совет и секоја реформа воопшто на правосудниот систем треба да се направи многу внимателно, треба внимателно да се разгледаат и да се донесат мудри одлуки, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како треба да се спроведат реформите во оваа сфера.
На прашањето да го каже својот став во однос на реформите по посетата на припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група во касарната „Јане Сандански“ во Штип, Агелер нагласи дека ЕУ има патоказ за тоа како треба да се спроведат реформите и оти тие како Амбасада и како држава го поддржуваат.
Мојот заклучок на прашањето дали се потребни реформи во судството е: „Да, апсолутно се потребни“, рече Агелер.
Агелер денеска одговори и на прашање за можно ажурирање на „црната листа“ на САД со нови лица, при што напомена дека тоа е континуиран процес, но оти не може конкретно да каже кога тоа би се случило.
Т.н. „црна листа“ е нешто што се прави согласно нашите закони. Станува збор за листа, која е динамична, органска, која постојано трпи промени. Има мноштво имиња, од кои може да се избере, во моментов се разгледуваат имиња, се разгледуваат случаи, се следи ситуацијата воопшто, рече Агелер, но напомена дека нема конкретен датум кога тоа би се случило.
Во врска со барањето на обвинителството за меѓународна правна помош од САД за случајот „Соравиа“, во кој е вклучен Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Агелер кажа дека таа нема детали, дека Амбасадата на САД има правна канцеларија, која се занимава со овие работи.
Но ќе го кажам она што и претходно сум го кажувала пред членовите на мојот тим и без разлика на овој конкретен случај, никој не е над законот и секој треба да одговара за своите постапки, рече Агелер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.