Поради кандидатурата за претседател на Собранието, Африм Гаши поднесе оставка од функцијата претседател на Алтернатива, информираат од Секторот за односи со јавност на Алтернатива.

Информацијата за МИА ја потврди и Гаши.

На последната седница на Централното собрание на Алтернатива, одржана во четвртокот на 23 мај, меѓу другото се разговараше и за кандидатурата на Африм Гаши за претседател на Собранието на Република Македонија. Бидејќи Уставот на Македонија, член 67, определува дека претседателот на републичкото собрание не може да биде и претседател или функционер на политичка партија, Африм Гаши поднесе оставка од функцијата претседател на Алтернатива и од сите други функции на партијата, велат од Алтернатива.

Пред тоа, стои во соопштението, согласно статутот на Алтернатива, претседателот Африм Гаши го овласти потпретседателот Беким Сали да ги извршува формалните обврски на партијата до конечното решавање на темата на претседателот на Алтернатива.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.