Обвинителството ги пречекорило сите законски рокови за предистрага и истрага предвидени во Законот за кривична постапка во случајот „Феникс“. Три месеци треба да трае обвинителската предистрага, а најдолго една година истрагата пред да се поднесе пријава, за било кој предмет за организиран криминал, вели за Алфа, адвокатот Јанаки Митровски.

Како и да е, секако е спорно, бидејќи Законот за кривична постапка, стипулира, дека една ваква истрага треба да трае една година, а ако е предистрага а сега отвораат истрага е уште полошо бидејќи рокот за предистрага е три месеци по што треба да се отвори истрага и да се поднесе пријава.. “ вели адвокатот Митровски за Алфа.

Тој истакнува дека овој предмет не е исклучок, со оглед на тоа дека кај нас редовно се пробиваат роковите за водење истрага кои ги пропишуваат законските норми.

Ние во преговори за обвинителен акт, редовно сме приговарале дека секој доказ што е обезбеден по рокот предвиден со закон, треба да се смета дека е доказ прибавен на незаконит закон. За жал, како што многу често судот застанува на страна на обвинителството со објаснување дека тоа не се апсолутни рокови од каде се поставува прашањето, па зошто се напишани во закон?“, вели Митровски.

Во јавноста има голем број реакции и сомнежи дека целиот процес е обид за дефокус на јавноста од големите скандали кои во последниот период го стресоа македонското правосудство, особено со ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на американската црна листа. Дополнително и околу целиот тајминг, односно периодот кога се чини кулминира притисокот на власта за спроведување на уставните амандмани за кои нема консензус.

Крајно индикативно и не е спорно да, на пример господинот Тодоровиќ, е еден од главните финансиери на најголемата опозициска партија, и сега во очи на уставните измени, а секако и дека крајно индикативно е. Инаку, не е никаков проблем да се истражува, за мене барем лично, тоа е супер спорен проект со многу спорни консталации. Меѓутоа, времето во кое што се покренува оваа акција со апсење, лишења од слобода, одредување на мерки за обезбедување на присуство, е „мошне“ индикативно“, вели Митровски.

Во јавноста се поставува и прашањето зошто истрагите на обвинителството одат на спора лента, или пак предметите се чуваат во фиока за да бидат објавени во одреден момент.

Обвинителството по 10 години соопшти детали од истрага за поставување на бронзените статуи, преку што наводно се оштетил буџетот за над 3 милијарди денари и се злоупотребувала службената должност. Вкупно 15 физички и 7 правни лица под истрага за 11 споменици од „ Скопје 2014“ . За поставувањето на бронзените статуи на Александар Македонски, Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Цар Јустинијан, АСНОМ, основачите на ВМРО и лавовите се товарат и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Канческа-Милеска, како и италјански државјанин и три фирми од Италија.

Судија на претходна постапка од Скопскиот кривичен вчера му одреди куќен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ. Поранешниот претседавач на општинскиот совет Владимир Здравев, доби притвор од 30 дена, како и осомничените Игор Секуловски и Љупчо Бакев. Куќен притвор му е одреден и нa Тодор Делјановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.