Потонаа сите лаги на Артан Груби и Димитар Ковачевски за странски експерти при надзорот на градбата на Коридорите 8 и 10Д. „ИРД“ е само носител на Конзорциумот на хартија, а најголемиот дел од парите одат кај „Електра Солушн“ која вади лиценца во сред јавен повик и „Евро Консалтинг“ на бараниот со меѓународна потерница за криминал Бранимир Димитријевиќ,обвини Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Електра Солушн“ која поднесува барање за издавање на лиценца за надзор по отворање на повикот за прибирање на понуди и добива во ек на огласот и Евро Консалтинг на криминалецот баран со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ ќе поделат 70% од парите за надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10Д. Толку од меѓународните експерти на Груби и Ковачевски.
Уште пофрапантно е што „Електра Солушн“ не само што нема искуство во вршење на надзор, туку дејност во која има искуство и во која работела порано е верувале или не, производство на долна облека. Да, добро слушате, фирма со искуство во производство на долна облека ќе го врши надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10Д.
Уште потрагично е што истава оваа фирма своето учество во тендерот го брани со тоа што била контактирана од меѓународни компании да учествуваат заедно на тендерот. Кои меѓународни компании ќе бараат фирма која се занимавала со производство на долна облека за учество на најголемиот тендер за надзор во Македонија? И како ја барале таа компанија која нема лиценца, а не барале фирми со децениско искуство?
Оваа фирма „Електра Солушн“ ќе земе 8.2 милиони евра од тендерот од 22 милиони евра, а фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ ќе наплати 7.1 милион евра. Вкупно овие две македонски фирми ќе наплатат 70% од сумата предвидена за надзорот.
Останатите 30%, 4.1 милиони одат кај „ИРД“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2.4 милиони евра.
Носителот на Конзорциумот, „ИРД“, ќе наплати помалку пари од фирмата со искуство во производство на долна облека и фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница.
Кинеската „Ептиса“ од овој тендер ќе наплати само 400.000 евра, па се поставува прашањето зошто истите се дел од Конзорциумот, или имаат за цел само да вршат увид над техниката и технологијата на американската „Бехтел“?
Вкупно само пет лица ангажирани од фирмите се странци, и тоа адвокат од Хрватска, двајца инженери од Србија и еден од Црна Гора, како и директорот на „ИРД“ кој го потпишал договорот. Толку од странци. И најголемиот дел од нив се ангажирани за преговарање, а не за надзор, за што ќе наплатат 300.000 евра поединечно. Додека директорот на „ИРД“ ќе наплати како хонорар 1.3 милиони евра.
Напумпаните 22 милиони евра ќе се трошат на тешки награди и хонорари, а не на реални работи.
Никакви меѓународни експерти не се во игра, туку шема која смрди на корупција.
Ги повикуваме Јавното обвинителство додека не е доцна, додека Груби и Ковачевски во целост не ја посрамотиле Република Македонија да отворат истрага и да побараат прекин на работата на надзорот. Секое неделување или задоцнето делување ја чини државата пари и образ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.