Регионалниот пат Демир Хисар – Кичево денеска 2 часа беше блокиран од страна на жителите од демирхисарските села. Тие бараат да се реконструира оваа делница од околу 40 километри и рок до кога ќе се стори тоа.

Патот е стар речиси половина век, преполн е со ударни дупки, а на места асфалтот е целосно раскопан.

Тие се заканија дека доколку не добијат одговор од надлежните институции, ќе преземат порадикални мерки.

И во 2020 и во 2021 година, средствата беа обезбедени од ЕБОР, стои ставката за рехабилитација на Другово – Демир Хисар, нема реализација. Апелираме до надлежната институција во најбрз можен рок, да обзнани каква ќе биде нивната реакција. Ако не добиеме одговор ќе ги интензивираме протестите, рече Виктор Блажески, жител на демирхисарско.

Лошата состојба на патот, кој е од клучно значење бидејќи ја поврзува цела западна Македонија, велат дека им влијае врз нормалното живеење. Имаат огромни штети на автомобилите, а наместо за 35 минути, до Кичево пристигнуваат за 1 час.

Ова прашање беше покренато на состаноците на Пелагонискиот плански регион, патиштата во цел регион се катастрофални, но овој мислам дека е веќе алармантно и небезбедно и мислам дека мора да се преземат мерки што е можно поскоро – изјави Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.

Од Министерството за транспорт и врски информираа дека Јавното претпријатие за државни патишта веќе работи на проектната документација за рехабилитација на регионалниот пат Демир Хисар – Другово.

Се очекува проектот да биде завршен до пролет оваа година, а предвидена е целосна рехабилитација во должина од 42 километри од овој патен правец.

Оттаму додаваат дека ќе им излезат во пресрет на жителите и додека се работи на проектната документација, претпријатието ќе ги санира најоштетените делови од овој патен правец.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.