Вечерва, вторник, 31 октомври во Музеј на македонската борба, со почеток во 20 часот ќе се одржи Свечено затворање на фестовалот „Златна лира“, со концерт на ДАНИЕЛ АПОСТОЛОВ – фагот и ДАРКО МАРИНОВСКИ – пијано.
Со особена техничка прецизност, мек и топол тон, умешност во водењето на мелодичните фрази и одмерена агогика, изведбите на Даниел Апостолов неминовно го потенцираат благородниот квалитет на фаготот, поставувајќи на самиот пиедестал. Уметник, кој воодушевува со своите изведби, оваа година добива заслужено место на Свеченото затворање на „Златна лира“, овој пат во придружба на Дарко Маринковски, пијанист чија што биографија испишува бројни значајни уметнички соработки со истакнати музички исполнители. Дуото Апостолов / Мариновски ќе изведе дела на Ч. Кехлин, Ф. Борн, О. Нусио, К. М. Вебер.
Даниел Апостолов (Скопје, 1975) дипломира на ФМУ во Скопје како прв студент од дувачкиот оддел што студиите ги завршува со највисока оцена cum laude. Постдипломските студии ги завршува на Музичката академија во Љубљана како прв постдипломец на вокално-инструменталниот оддел, инструмент фагот. За време на студиите е активен учесник во концертниот живот на Словенија како надворешен соработник на Словенечката филхармонија. Во сезоната 2000/01 членувал и во оркестарот на Националната опера и балет на Љубљана, додека во 2002 година и во оркестарот на Националната опера и балет на Марибор. Во текот на студиите учествувал на бројни семинари и мастеркласи кај истакнати фаготисти и педагози (Клаус, Тунеман, Албрехт Холдер). На два наврати членува во интернационалниот оркестри на Алтенбург (1996) и Бајрот (1998). Во 2002 година во Германија ги завршува и уметничките постдипломски студии (класа на проф. Албрехт Холдер).
Добитник е на бројни студентски награди и признанија. Апостолов е активен член на триото Македонико“ и Скопскиот дувачки квинтет. Членувал и во оркестарот на Косовската филхармонија, ревијалниот оркестар на МРТВ, настапувал на фестивалите „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Интерфест“, „Охридско лето“, „Хераклејски вечери“, „Штипско лето“ и реализира бројни концертни настапи во Словенија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија и Германија. Од 1999 година работи како професор по фагот и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а од 2005 година работи како професор на ФМУ во Скопје. Член е и на оркестарот на Македонската филхармонија.
Дарко Мариновски (Скопје, 1974) дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистерските студии ги завршува на истата институција под менторство на проф. Јасмина Чакар. Од 2013 година работи како професор по пијано и корепетиција во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Во јануари 2009 година е избран за Декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ИУ Еуропа Прима, функција која ја извршува до 2017 година. Во 2016 година е избран во звањето редовен професор на ИУ Еуропа Прима. Во богатата концертна биографија на Дарко Мариновски се запишани бројни настапи и уметнички соработки со реномирани музички уметници, на концертни и фестивалски подиуми во Македонија и надвор од нејзините граници (Рим, Париз, Вашингтон).
Од септември 2013 година работи на Музичката академија при УГД Штип како пијано соработник на вокалната класа на проф. Борис Трајанов и во оперското студио при истата институција. Од септември 2015 година работи и на Филмската академија при УГД Штип каде ги предава предметите звук на филм и акустика со психоакустика, перцепција и анализа.
Дарко Мариновски е автор и на применета музика на неколку краткометражни филмови, на музиката за театарската претстава „Косара“ од Загорка По Антовска. Како член на квартетот „Коскаров“ го снима ЦД-то „The Best of Jazz and Blues“ со музика од светската џез литература (2011).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.