Театарот „Пи“ од Скопје, предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска, од 16 до 18 декември 2022 година гостуваше на Софискиот фестивал на авторски театар – ФАТ 2022. Со претставата „Ништо не е страшно“ освоија две награди на фестивалот, награда за најдобра режија за Златко Митрески и Македонка Илиевска, а втората за синергија за актерска игра за истата претстава.

Во претставата учествуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП Порака Скопје.

Како што информираат од Театарот „Пи“, на фестивалот имале голема конкуренција на професионални театри, како „Сатиричниот театар Софија“ , Театар 199, VOX POPULI, Театар „Драмеди“ и други.

ФАТ е еден од најавтентичните фестивали за авторски театар на Балканов, кој се одржува во Регионалниот центар за современа уметност „Топлоцентрала“ во Софија и е во организација на здружение „Творци“ и Театар „Драмеди“.

На фестивалот актерот Златко Митрески оддржа театарски работилници за методот и начинот на создавање на авторски театар, како и проекција на документарниот филм на Театар Пи „Прозорците што се смеат“.

Гостувањето на „Театар Пи“ се оддржа благодарение на организаторите на ФАТ 2022, КИЦ на РСМ и Сашко Насев, Адора инженеринг од Скопје и претставништво на „Витаминка” од Прилеп во Софија, градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Стојковски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.