МФФ Киненова денеска ги претстави членовите на жирито кое ќе одлучува за наградите кои ги доделува фестивалот во главната селекција и во програмата за кратките филмови.

Претседател на жирито е унгарската режисерка Илдико Ењеди, а членови се Аида Бегиќ, режисер и сценарист од Босна и Херцеговина, Паво Маринковиќ, режисер од Хрватска и уметнички директор на филмскиот фестивал во Пула, Симоне Стараче, режисер од Италија и директор на „Фантафестивал“ кој се одржува во Рим и Елеонора Венинова, македонска режисерка.

Она што најмногу го сакам во нашата професија е што ние сме како земјоделци, ја ораме земјата, ја обработуваме, некогаш тоа е тешка физичка работа, а крајниот резултат, ако добро сме сработиле е деликатно израснат, исто како едно растение. За еден режисер неопходно е да биде прагматичен. Во таа смисла и онаа моја споредба со земјоделци, бидејќи некогаш мора да брзате затоа што надоаѓа лошо време, бура, а претходно треба да го жнеете житото, а некогаш треба и да чекате долго време за некои работи да вродат со плод. Мораме да ги искористиме сите алатки што ни се на располагање и да се прилагодуваме. Јас сум многу страствен учител, и моите студенти не ги учам многу, туку работиме заедно како колеги. Имаше 9 добри години во унгарската кинематографија, имаше буџети, меѓународни копродукции, имаше храбри филмови, но сега контекстот е поинаков. Но, никогаш не е лесно. Мислам дека несигурноста секаде е иста. За да се биде млад независен режисер е подобро да работите во Европа, во однос на кадар, фондови…додека во САД може да ви се посреќи и да успеете, но и многу од талентите ја немаат таа среќа да си го покажат талентот, рече Ењеди.

За Аида Бегиќ, основната разлика е начинот на финансирање.

Прашањето е за кого го правиме тоа? Дали правиме нешто што ќе циркулира на фестивалите? Или за нас? Но, тука постои и еден ограничкувачки фактор кој ви кажува кога да го направите крајот и како да го направите крајот на филмот. Понекогаш во Европа во овој круг на финансирање, авторите се ставаат на второ место. Оваа „пандемија“ зазема големи размери и мислам дека ни треба голема револуција за тоа да го промениме. За мене тоа е фрустрирачки. Заморен ми е процесот долги години да се објаснувам себе си и својата работа. Затоа мојот прв филм „Снег“ е целосно мој филм, го направив сосема независно. Првиот услов за независност на режисерот е тоа што не се инвестира доволно во културата, немате доволно домашна поддршка. Морате внимателно да ги изберете своите соработници, луѓе со кои сакате да работите, бидејќи станува збор за комплексен процес. Режисерите треба да прават онакви филмови какви што сакаат, а не за да ги задоволат очекувањата од публиката, вели Бегиќ.

Паво Маринкович раскажа дека во Хрватска се вложува во филмската индустрија, обуки и слично, но немале некои големи успеси, не беа номинирани за „Оскар“…

Добивме грантови, но почна пандемијата и тие не можеа да почнат да снимаат. Имавме опасност и да немаме доволно филмови, одевме и ги молевме луѓето да ги довршат филмовите. Но, од друга страна индустријата застана. Можете да имате одличен филм, но немате каде да го пласирате. Сега сите снимаат филмови, а во Берлин и во Венеција не може да изберат два филма кои доаѓаат од просторите на поранешна Југославија, ќе изберат еден. Нема да дојдат 7 фантастични филмови од Хрватска кои ќе го добијат меѓународното внимание. На пример, на фестивалот во Пула има две проекции и на првата, Арената во Пула е преполна, а на втората се преполовува публиката. И во тие фестивалски денови режисерите постојано ме демнат за да лобираат чиј филм да биде на првата проекција, а чиј на втората. Тоа лудило, гледам многу уметници кои се мачат за да го продадат својот филм. Ковидот навистина направи еден дисбаланс во филмската индустрија и мора што побргу тоа да се врати во првобитната состојба, вели Маринковиќ.

Симоне Стараче организира фестивал на филмови од областа на научната фантастика и вели дека тие се многу важни, бидејќи се јавуваат нова генерација режисери кои се фанови на овие филмови.

Повеќето од филмовите на нашиот фестивал даваат еден мета осврт, класична приказна, еден вид италијански одговор на американските филмови. Фестивалот постои од 1991 година, доста е познат во Италија и има и постара публика, но се појавува и млада публика. Некогаш тие разговараат со режисерите, актерите, се интересираат и тоа не радува, рече Стараче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.