Поезијата е местото каде што можеме сите да се обединиме, каде веќе не постои религија, филозофија и ништо друго. Едноставно каде и да ги соберете поетите се друго исчезнува и ние стануваме заедништво. Историјата постојано не раздвојува, а поезијата постојано не потсетува дека, пред се, сме луѓе.

Би сакал и да ја изразам мојата благодарност, која сметам дека не доволно сум ја искажал и второ дека не постои мала земја и оти насекаде има големи поети. Тука од секогаш го има тоа присуство почнувајќи од Браќата Миладиновци се до денешен ден. И треба да се борите или сите да се бориме за илузиите на модерниот свет на некој начин да не ги задушат тие поетски сили, вели во интервју за МИА, годинешниот лауреат на Златен венец на СВП, францускиот поет Жан Пјер Симеон.

Добитник сте на највисокото признание на СВП и се вброивте во низата светските поетски великани. Што значи за вас „Златниот венец“ и какво е чувството да сте носител на највисокото признание на Меѓународниот поетски фестивал?

Признанието многу ми значи. Покрај бројните награди кои имам добиено, од кои повеќето во Франција, „Златниот венец“ го носи престижот во себе. Сите поети што претходно ја добиле наградата ги имам прочитано уште во мојата младост, вклучувајќи го и Влада Урошевиќ кој исто така е голем поет. Тука се и Јанис Рицос, Пабло Неруда Јосиф Бродски, Ален Гинзберг.

Никогаш не замислував дека еден ден ќе бидам до сите тие големи луѓе, великани. Еден поет и пошироко, еден писател или уметник никогаш не знае тоа што ќе го напише, направи, дали навистина вреди. Од тие причини многу се важни надворешните луѓе, кои можат да донесат признанија. Можат да му кажат дали тоа што го напишал е вредно и каква е вредноста.

Трет пат сте тука, кои се вашите импресии за македонската поезија, историја, традиција, за Македонија и Струга?

Земјава ја запознав благодарение на Јордан Плевнеш, кога беше амбасадор во Париз. Тој со многу жар проговори за неговата држава. Непознавајќи ја станав љубопитен затоа што тој ми говореше со многу жар во однос на целата земја и така добив желба да дојдам да ја запознаам. Многу научив за историјата. Има многу работи кои не ги познавав од македонската историја. Трет пат доаѓам во Струга, на Струшките вечери на поезијата. Двапати сум бил како поет гостин, а сега и како лауреат.

Дојдовме со возило. Се шетавме посетивме доста предели. Она што секогаш ме фрапираше тоа е силниот карактер на убавината на природата. Исклучително фрапантно е кога одите од Скопје кон Струга поминувате низ планини, шуми, реки и наеднаш доаѓате пред отвореноста и убавината на езерото и тоа е навистина исклучително.Мноштво култури се присутни тука. Сметам дека тоа е големо богатство, тоа мешање на културите, но притоа може да има и тешкотии понекогаш.

извор: МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.