Пред свеченото отворање на годинешното 63. издание на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, годинешниот лауреат на Златниот венец, францускиот поет Жан Пјер Симеон засади дрво во Паркот на поезијата, а потоа присуствуваше на традиционалната пред конференција.
Сметам дека не живееме на правилен начин. Нашите животи ни се земаат од рака и поезијата е на некој начин нешто што ни кажува на сите нас дека имаме право апсолутно целосно да го живееме својот живот. Не само да постоиме во некакви улоги, да имаме обврски, ниту, пак, да бидеме робови на општествените барања. Мора да се размислува за животот во општеството низ призма на поет, на слободен начин. Целта е секогаш да се слави апсолутноста на животот. Постојат многу начини на коишто тоа можеме да го направиме. Љубовта е само еден пример, еден од најдобрите примери, изјави добитникот на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, на денешната прес-конференција во рамки на „Струшките вечери на поезијата“.
Симеон посочи дека е почестен што го добива ова големо признание од областа на поезијата, на светско ниво.
Навистина ми е многу мило што сум тука и, како што ќе претпоставите, почестен сум и горд сум што сум дел од овој фестивал како лауреат на оваа позната светска манифестација. Знам дека големите поети, великаните дошле тука токму во Струга за овој фестивал. Малку се срамам кога стојам покрај нив. Навистина ми претставува огромна чест и одговорност затоа што не зборувам само за мојата поезија и за мојот живот, туку зборувам за важноста на поезијата во нашите животи, заедничките животи во општеството. Моето творештво во изминативе години имаше за цел на сите да им покаже дека поезијата мора сите да нѐ заинтересира затоа што таа не се состои само од песни. Поезијата е начин на живот, начин на постоење. Начин на живот кон којшто сите треба да се стремиме. Кон слободата, братството. Сметам дека тоа треба да биде цел на сите нас. Мислам дека тука во Македонија, со овој фестивал, кој е толку добро познат низ целиот свет, исклучително важно е за сите поети низ целиот свет овој фестивал да постои, рече Жан Пјер Симеон.
На средбата со новинарите беше презентиран и дел од излагањето на претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Елизабета Шелева, која Жан Пјер Симеон го нарече комплексна творечка фигура на светската поетска сцена.
Жан Пјер Симеон е ценет поет, но и автор со широк распон на својот творечки потенцијал, што го прави навистина интригантен и реализиран, во неколку жанровски подрачја. Тој е ценет како поет, признаен и се’стран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на љубовта и убавината, истакнува Шелева.
Симеон, не е непознат за СВП и пошироката читателска јавност. Бил гостин на престижниот поетски фестивал во 2010 година, а неговата поезија е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поетскиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на СВП, во 2010 година, во препев на Јордан Плевнеш.
Во поздравното обраќање до македонската јавност, Жан Пјер Симеон истакна:
Се осмелив пред неколку години да напишам есеј под наслов „Поезијата ќе го спаси светот“. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на земјината топка кои веруваат дека Поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената Поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани- е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет.
Која е таа желба, таа надеж, тој толку силен елан што е обликуван низ вековите да им се спротивставува и да ги демантира најголемите насилија на Историјата. Токмy поезијата е вистинска одбрана на Човекот и неговата вознемирена и безгранично отворена совест, која сака да го пронајде своето соодветно место, исполнето со неговата простосмртна желба по Срцето на Непознатото,за да го направи свет животот во сите негови безгранични пространства.
Поетот, драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.
Предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки.
Неговите збирки поезија се објавени во издавачките куќи Шејн (Cheyne éditeur) и Галимар (Gallimard), а неговите театарски пиеси се во издание на Солитер ентампестиф (Solitaires Intempestifs).
За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија ( International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година.
Жан-Пјер Симеон е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.