Поголема решителност и посветеност за интензивно учење и проучувањето на и за македонскиот јазик, литература и култура, идеи и планови за истражувачки проекти посветени на македонистиката, нови книжевни преводи, како и залагање за меѓународно вреднување на македонските културни вредности. Ова беше потврдено од сите учесници на Втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како идни чекори.

Школата започна на 24 јануари 2022 година и се одвиваше во виртуелен формат, а учествуваа над 40 странски слависти и македонисти – семинаристи од универзитетските центри од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија.

Како што информираат организаторите дел од нив, оние кои веќе со години се посветени на македонистиката, преку Школата не само што стекнале нови знаења, туку препознале и нови, истражувачки и научни предизвици и планови за следни активности преку коишто македонскиот јазик, литература и култура ќе ги афирмираат на своите универзитетски центри, како и воопшто во своите културни средини.

Од друга страна, учесниците коишто се на почетните рамништа на познавање на македонскиот јазик, во текот на Школата ја потврдија својата професионална определба да останат посветеници на македонистиката.

Како што се наведува во соопштението на завршната средба било истакнато дека впрочем, потврда на взаемната голема посветеност и на лекторите на Школата и на семинаристите се согледува и преку обемот на наставата, со 30 часа од секој од курсевите за само шест дена, што е приближно до бројот на предавања или вежби по еден предмет во текот на еден цел семестар.

Наставата за групите ја изведуваа лекторите доц. д-р Гордана Алексова, проф. д-р Борче Арсов и доц. д-р Бобан Карапејовски, м-р Биљана Стојановска, м-р Марија Пандева, како и асс. м-р Иван Антоновски (напреднато ниво за литература).

Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, особено на Летната школа, којашто традиционално се одржува во Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.