Заради зголемен интерес изложбата на реномираниот сликар Владимир Георгиевски ќе биде продолжена до 12 февруари, соопштија од Музеј на Град Скопје.
Во Музејот на Град Скопје се поставени над 100 дела од Владимир Георгиевски, еден од најзначајните македонски уметници и столбови на македонската современа уметност. Изложбата се состои од дела на уметникот, кој почина во 2017, работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел. Куратор на изложбата е Емил Алексиев, а беше промовирана и монографија за неговото творештво.
Последната изложба на Георгиевски беше насловена „Страдањата на Дон Кихот“, и се отвори во април 2016 во Музејот на Град Скопје, а во јуни истата година беше поставена и во театарот „Палас“ во Париз. Изложбата беше дел од големото одбележување на 400 години од смртта на најголемиот шпански писател Мигел де Сервантес.
Георгиевски е роден 1942 Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади 25 мај). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.
Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Голем број негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Има реализирано од 1977 година (1977 Белград; Скопје, Музеј на современата уметност) до 2016 година (2016 Скопје, Музеј на град Скопје) дваесет и пет (25) самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.
Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.