Во рамки на прославата на 75-годишнината од своето основање, српскиот ансамбл „Коло“ вечерва во Центарот за култура во Битола ќе одржи концерт со ансамблот „Танец“, како дел од регионалната турнеја наречена „Колодром“.

Ансамблот „Коло“ е основан во 1948-та, една година пред основањето на Танец. Двата ансамбли имаат долгогодишна успешна соработка, а последен пат настапија заедно на Новогодишниот концерт на Танец во 2019 година, во рамките на чествувањето на јубилејната 70-та година од постоењето на македонскиот национален ансамбл. Тогаш на сцената на Македонскиот народен театар заиграа заедно над 120 учесници, спектакл во кој уживаа сите љубители на врвниот македонски и српски музичко-сценски фолклор.

Македонската јавност на концертот во Битола, како што известуваат организаторите, ќе има можност да ужива во раскошните кореографии и сценски адаптации како Радовишки собор, Водарки, Копачка, На Мегдан, Врањска свита, Игри од Шумадија, Влашки игри, Игри од Биначка Морава, Тројно, како и во прекрасните вокално-инструментални сплетови на народни мелодии од богатиот репертоар на двата ансамбли.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.