Вечерва, во 18 часот, во Гелеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се соберат пријателите на Љубиша Никодиновски – Биш, еден од основачите на Млад отворен театар (МОТ) на вечер насловена како „За зелената гуска и црвените рози“.

Траен е белегот на Биш на домашната театарска сцена, како еден од основачите на МОТ и негов двигател скоро четри децении. Оваа вечер на 47. МОТ, му ја посветуваме нему и се навраќаме на неговиот младешки дух, кој собра голема креативна сила која денес, се бави со театар, уметност и го одржува овој фестивал, вели Русе Арсов во име на тимот на МОТ.

Во чест на Биш, годинава МОТ за прв пат востановува и награда БИШ, која ќе се доделува на најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. Во конкуренција од осум претстави жири комисијата во состав, Рок Вевар, теоретичар на танцова уметности публицист, Јанко Љумовиќ, продуцент и професор на Драмскиот факултет во Цетиње, Црна Гора и Наташа Гвозденовиќ, новинарка и театарска критичарка имаше задача да ја избере најдобрата, вечерва ќе ја додели наградата, за која велат:

Во денешно време многу е значајно да се поддржи авторскиот театар, а во таа поддршка стои јасна порака: Само напред. Нам ни беше задоволство да бидеме дел од Меѓународниот фестивал МОТ 2022, кој годинава востанови награда која го носи името на неговиот основач Љубиша Никодиновски – Биш. На тој начин Биш, станува нова вредност на македонскиот современ театар. Нашата едногласна одлука за овогодинешната селекција претставуваше предизвик, но и постави критериум во иднина да се наградуваат смели и иновативни претстави кои придонесуваат кон развој на драмската уметност и кои ја одржуваат виталноста на театарската сцена – Јанко Љумовиќ, продуцент и професор на Драмскиот факултет во Цетиње.

На отворениот конкурс на МКЦ за наградата БИШ аплицираа 25 театарски продукции.

По доделувањето на наградата, во 20 часот во салата 25 мај следува „Појавувањето на изведбата“ на Александра Јанева Имфелд, Белгиско – Хрватска копродукција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.