На 30 мај (четврток) во 20 часот во Паркот на франкофонијата во Скопје, ќе се одржи втора дискусија за зборообразување, организирана од групата јазични ентузијасти „Зборци“.

Неодамна, како зборци, имавме можност да пласираме една важна тема во јавноста – процесот на зборообразување. Организиравме панел-дискусија каде што се запознавме со тоа како новите зборови можат да внесат свежина и длабочина во нашите секојдневни разговори. Свесни за позитивната енергија и ентузијазам што се создадоа околу оваа приказна, зборци заедно со укимци, или укимци заедно со зборци, ве покануваме на ЗБОРООБРАЗУВАЊЕ 2.0“, велат од Зборци“.

Организаторите информираат дека на настанот ќе разговараат со, Владимир Мартиновски, актуелен декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ; Весна Мојсова-Чепишевска, авторка и редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ; и Татјана Б. Ефтимовска, професорка, авторка и една од основоположниците на идејата „Зборци“.

На овој настан ќе се обидеме да откриеме што всушност е можно со зборовите. Ќе зборуваме за еволуцијата на јазикот и дали таа е привилегија на одредена група или е процес во кој сите ние можеме да учествуваме. Дали нашите најмлади ќе зборуваат македонски каков што ние го познаваме, или ние треба да го приспособиме нашиот јазик на новите генерации? Како да го задржиме автентичниот дух на јазикот, истовремено отворајќи го за нови идеи и влијанија? Дали новите зборови се резултат на нашата способност за адаптација во нови услови? Како глобализацијата и дигиталната ера создаваат нови јазични феномени што го трансформираат македонскиот јазик? Ќе разговараме за тоа како зборовите може да бидат огледало на општествените промени, на нашите надежи и стравови, на нашите стремежи и успеси, стои во соопштението.

По завршувањето на дискусијата ќе следи забава со DISCONINJA.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.