Поради голем интерес и распродаден прв, Камерниот оркестар „Ајга“ во соработка со „КултурОп“ го најавуваат и вториот концерт и македонска премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“ на пијанистот со светски глас Симон Трпчески и пријателите.

Концертот ќе се одржи на 31 март 2024 година од 20 часот на големата сцена на Македонската филхармонија. Двете концертни вечери ќе го означат и стартот на првото издание на Скопје интернационалниот музички фестивал што го организира Камерниот оркестар „Ајга“.

Билетите веќе се во продажба на платформата МКтикетс: https://mktickets.mk/event/makedonisimo2/

По исклучително успешната светска оркестарска премиера на проектот „Македонисомо“ минатата година во, веројатно најпрестижната концертна сала во светот, Музикферајн (Musikverein) во Виена, заедно со Тонкунстлер оркестарот од Австрија под диригентската палка на нивниот шеф-диригент Маестро Јутака Садо, нашиот Камерен оркестар „Ајга“ во соработка со КултурОп ја претставуваат македонската, а воедно и балканска премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисомо“.

„Македонисомо“/ оркестарска верзија базира врз транскрипции на македонска традиционална музика од нашиот композитор Панде Шахов, во соработка со Симон Трпчески. Овој пат, финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување нудат уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција.

За тоа, на сцената на Македонската филхармонија ќе се погрижи Квинтетот „Македонисомо“ (во состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки) заедно со Камерниот оркестар „Ајга“, под диригентската палка на Ана Спасовска.

Специјални гости на вечерта ќе бидат и Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.

По распродадениот прв концерт закажан за 1 април од 20 часот, а со оглед на програмскиот распоред на учесниците и достапноста на големата сцена на Македонската филхармонија, но и на почитта кон веќе потврдените концерти на други македонски музички уметници, вториот концерт ќе се одржи ден порано, на 31 март (недела).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.