Многу романтика и врвен професионализам покажаа младите, но исклучително талентирани уметници кои годинава учествуваа на меѓународниот музички мајсторски курс во Охрид под раководство на пијанистката Тамила Гулијева и виолинистот Емилио Перцан.
Тие вчеравечер музицираа на подиумот во црквата „Света Софија“ доловувајќи ги стекнатите знаења и вештини врз своите инструменти.
Како што вели македонскиот виолинист Емилио Перцан кој има активна педагошка и изведувачка кариера и чии студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди, годинава на мајсторскиот курс учествуваа 14 учесници.
-Годинава имавме четиринаесет учесници од Австрија, Бугарија, Грција, Турција, Германија, Србија и од Македонија. Имавме интересен склоп на луѓе. Се чувствуваше експресивноста и во работата, и во свирењето и воопшто, во комуницирањето. На завршниот концерт донесовме многу романтика, голема виртуозност, многу различни бои преку делата што беа интерпретирани, вели Перцан.
Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија се одржува во Охрид. Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од повеќе земји.
Завршните концерти на учесниците секоја година се одржуваат во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.