По повод 76 години постоење на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), денеска беа врачени годишните награди за критика и есеј, поезија, проза и литература за деца и млади, а беа соопштени и новоизбраните почесни членови на ДПМ од странство.
Наградата за критика и есеј „Димитар Митрев“ ја доби Соња Стојменска-Елзесер за книгата „Книжевен бинокулар“, наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески” беше доделена на Ели Маказлиева за книгата поезија „Чудесен дар во годишен календар“, наградата за најдобра прозна книга „Стале Попов“ ја доби Венко Андоновски со неговиот роман „Папокот на светлината“, додека наградата за најдобра книга поезија „Ацо Шопов“ беше доделена на Зоран Пејковски за поетската книга „Убавите жени“.
Претседателот на ДПМ, Христо Петрески на денешното врачување на наградите посочи дека Друштвото е престижна и привлечна асоцијација, а доказ за тоа е и неодамнешниот Конкурс за прием на нови членови на кој се пријавија дури 69 кандидати, а беа примени само девет.
Според Петрески, и заинтересираноста за наградите на Друштвото на писателите на Македонија се уште е на завидно ниво. И понатаму најбројни се поетските и прозните книги, а во пораст е и бројот на критичко-есеистичките дела и книги за деца и млади.
Но, иако и во претходните години немаше поголема и вистинска конкуренција за наградата „Мост“, минатата година не пристигна ниту една книга, па оваа награда сериозно е доведена во прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.