На 4 февруари со гостување во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, почнува националната турнеја на „Швиндел“ (Schwindel), првосоздадениот перформанс од низата во рамките на проектот Танц трансформатор на Битрикс културно-уметнички Центар.
По гостувањето во Велес, предвидени се изведби во Младински културен центар во Скопје на 6 февруари, Н.У. Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип на 8 февруари и Народен театар „Антон Панов“ во Струмица на 9 февруари.
„Швиндел” е резултат на едномесечната танцова резиденција на кореографот Тобиас Драегер од Хамбург, Германија, кој беше селектиран како првиот кореограф во програмата на Танц трансформатор преку отворен повик на кој пристигна 86 апликации.
Тој, заедно со шестте танчери: Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Елена Стојкоска и Илина Костовска, во изминатите три недели работеа на оваа креација која сега ќе се прикаже во четири града во Македонија.
Терминот швиндел доаѓа од германскиот јазик и има двојно значење, и тоа „измама“ и „вртоглавица“. Кореографот, поаѓајќи од неговата позадина во остеопатија и современ перформанс, ги комбинира двете практики, ангажирајќи се да ги истражува и адресира појавите на вртоглавица и исцепреност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес. Така, перформансот се занимава со анализа на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, разни состојби, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но, и со тоа како се преминуваат границите помеѓу овие. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со останатите и истрајност.
Проектот „Танц трансформатор – реобмислување на локалната танцова заедница“ е едногодишен проект на центарот Битрикс, кој има за цел да обезбеди континуитет на работата на локалната танцова заедница, креирајќи контекст за работа и соработка како помеѓу локалните конституенти на сцената, така и со интернационални партнери.
Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, препознавајќи ја потребата за поддршка и развој на современата танцова сцена, го поддржа овој проект и ја помага неговата реализација во престојниот период.
Уметнички директор на проектот е Ивана Балабанова, проектен координатор Ангела Стојановска, финансиски менаџер е Павел Маслов, а креативниот тим го сочинуваат: Ана Стојановска (графички дизајнер), Томислав Балабанов (веб девелопер), Мартин Михајлов (видео), Ања Калин (фотографија), Антонија Јорданоска Гугинска и Маја Ѓуреска (костимографија), Мартин Манев (сценографија) и Мартин Димитријев (светло дизајнер).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.