В петок, на 31 мај во Театар Комедија со почеток од 20 часот, од Словенија гостува Симон Шербинек со „Одбраната на сакатиот“.
Претставата „Одбраната на сакатиот“ е продолжение на соработката на актерот Симон Шербинек и режисерот Матјаж Латин, кои во 2021 година ја создадоа успешната монодрама „Кревкост“.
Монодрамата „Кревкост“ е заснована на есеј на познатиот француски режисер Жан-Клод Кариер, додека „Одбраната на сакатиот“ е „комедија“ која на оригинален начин ја прикажува автобиографската приказна на актерот за рехабилитацијата и интеграцијата на лицата со попреченост во општеството. Претставата тематизира различни видови попреченост, односно физички и психолошки дијагнози. Актерот ја раскажа својата лична приказна навидум опуштено, со голема доза социјална критика и самоиронија.
Во исто време, претставата отвора и крши различни табуа поврзани со попреченоста и допира болни лични и социјални теми. „Одбраната на сакатиот“ е монодрама со поднаслов „комедија“ и комбинира елементи од различни жанрови, од социјално ангажирана стенд-ап комедија до документарен реализам. Разоткривањето има клучно значење – искрена и интимна лична приказна на актерот, која судбински го одбележала неговиот живот и го стигматизирала.
Режисер на претставата е Матјаж Латин, костимограф: Мири Стрнад, избор на музика: Матјаж Латин, уредник на звучни записи: Марко Јакопанец, дизајн на куклата: Петер Шкерл, автор на извадок од бајка: Светлана Макарович, продуцент: Славко Шкворц, продукција Куд Борза, копродуценти Куклен театар Марибор и Друштво на параплегичари од Подравје.
Гостувањето на „Одбраната на сакатиот“ на сцената на Театар Комедија го овозможи Амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.