Годинава, Францускиот институт во Скопје го организира 25-тото издание на Летниот регионален семинар во Струга, педагошка обука, која повеќе од две децении обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. Семинарот се организира во соработка со француските амбасади и институти од земјите во регионот.

Овогодишната средба и значајна обука ќе се одржи од понеделник 24 до петок 28 јуни 2024 год., а во рамките на својата програма ќе понуди педагошки работилници наменети за професорите од земјава, но и од поширокиот регион (Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина).

Главни цели на обуката се: истакнување на видливоста на францускиот јазик, зајакнување на неговото место во образовните системи на земјите на учесниците, создавање на вистинска кохезија меѓу учесниците, како и остварување богати меѓусебни размени на професионални искуства меѓу професорите по француски и професорите кои предаваат нејазични дисциплини на француски јазик од Југоисточна Европа. Овогодишното издание на Летниот регионален семинар во Струга ќе го проследат повеќе од стотина учесници.

Обучувачите се експерти од Франција и ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем.

Настанот официјално ќе го отвори Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција, в понеделник, 24 јуни, во 18:30 часот, во хотелот „Дрим” во Струга, во присуство на учесниците, како и бројни соработници и партнери, како Канал Франс Интернасионал, Меѓународната организација на Франкофонијата, Регионалниот франкофонски центар КРЕФЕКО, Здружението на професори по француски јазик, Фондацијата Бел Идеал од Париз, издавачката куќа КЛЕ Интернасионал и др.

Работен јазик на семинарот е француски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.