Со културна манифестација ќе биде одбележана 90 годишнината од раѓањето на македонскиот писател и поет, Петре М. Андреевски.

Настанот ќе се одржи во родното село и вечното почивалиште – с. Слоештица, Демир Хисар, во вторник (25 јуни) во 13 часот, а истиот е во организација на Македонското научно друштво – Битола, во соработка со Педагошки факултет – Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенското собрание при УКЛО, -АРТ ПОИНТ – ГУМНО, с. Слоештица и Europe House – Битола.

Покрај посета и оддавање почит на гробот на Петре во селото Слоештица, предвидена е реализација на културна манифестација која вклучува литературно читање на дел од поезијата на Петре М. Андреевски и квиз со едукативен карактер, поврзан со ликот и делото на Петре М. Андреевски. Литературното читање и квизот ги подготвија студенти од Педагошки факултет – Битола, и истите ќе се реализираат во реновираниот Задружен дом во селото Слоештица.

Настанот ќе заврши во АРТ ПОИНТ – ГУМНО со свечено откривање на склуптура, инспирирана од прочуената „Дениција“ на Андреевски, а изработена од познатиот македонски уметник, Никола Пијанманов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.