Во Охрид утре ќе пристигнат околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави за да бидат дел од 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Како што најавија од МСМЈКЛ при УКИМ, по пристигнувањето на странските македонисти и слависти и по отпочнување со лекторската настава, на 18 август во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свечено отворање на настанот, а свечено обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски,  обраќање ќе има и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.

Пријавени се семинаристи од Кина, САД, Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешка. Оттаму додаваат дека значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години што е уште еден показател и за континуираното зголемување за македонистиката во меѓународната академска заедница.

Составот на учесниците уште еднаш потврдува дека се остварува определбата на МСМЈЛК при УКИМ, македонскиот јазик да одекнува насекаде низ светот – се вели во соопштението.

Програмата на Школата е конципирана така што семинаристите ќе следат лекторска настава. Организирани се лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно кое е со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година.

Според МСМЈЛК , тоа се пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

По завршувањето на Летната школа, од 1 до 3 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржува и јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.